Втор двоцифрен пораз на македонската женска ракометна репрезентација на „Трофеј Карпати“ во Крајова. По вчерашниот од Бразил (19:32) во првото коло, попладнево избраничките на селекторот Симе Симовски загубија и од домашната селекција на Романија со 18:31.
Ако дуелот со Бразилките беше загубен во вториот дел, денешниот настап за македонските ракометарки заврши уште по воведните 30 минути во кои успеаја да постигнат само пет гола (5:18). Романките рутински го одработија продолжението, го намалија темпото, постигнаа 13 погодоци и дозволија исто толку за комплетирање на демонстрацијата на класа во однос на „црвено-жолтиот“ национален тим.
Утре од 13 часот Македонија ќе игра и против Полска во последниот трет настап на силниот меѓународен турнир „Трофеј Карпати“ што е во рамки на ЕХФ неделата.