Три лица се смртно застрелани, а две се повредени синоќа во трговски центар во Индијана, САД, откако маж со пушка отвори оган кај полиците за храна а вооружен цивил пукаше во него и го уби, соопшти полицијата.

Човекот влегол во трговскиот центар Гринвуд Парк со пушка и неколку пакети со муниција и почнал да пука, изјави началникот на полицијата во Гринвуд, Џим Ајсон.

22-годишник од блискиот округ Бартоломеј, кој легално носел огнено оружје во трговскиот центар, пукал и го уби напаѓачот, рече Ајсон на прес-конференцијата.

Четворица од погодените од огнено оружје се жени, а еден е маж. Меѓу двајцата повредени има и 12-годишно девојче. Повредените се во стабилна состојба.

„Вистинскиот херој на денот е граѓанинот кој легално носел огнено оружје и можел да го запре пукачот речиси веднаш штом почнал“, рече Ајсон.

Најновото масовно пукање е уште едно во серијата што ги вознемири Американците во 2022 година. Училиштата, црквите, продавниците и трговските центри станаа полигони за убивање во последните месеци.

Гринвуд е јужно предградие на Индијанаполис со население од околу 60.000 жители. (АП)