Тројца починати пациенти, 123 нови случаи и 74 оздравени лица е ковид билансот во земјава за последните 24 часа. Министерството за здравство (МЗ) информира дека во изминатото деноноќие се направени 1.312 тестирања со позитивни наоди кај 54 лица во Скопје, 18 во Штип, 16 во Гостивар, шест во Струга, по пет во Куманово и во Тетово, по четири во Дебар и во Кичево, три во Охрид, по две во Свети Николе и во Битола и по едно лице во Прилеп, во Крушево, во Демир Хисар и во Ресен.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска регистрира 74 оздравени пациенти и тоа од Скопје – 23, од Дебар – 1, од Штип – 2, од Прилеп – 6, од Тетово – 15, од Битола – 7, од Гостивар – 6, од Кочани – 2, од Пробиштип – 2, од Кичево – 5 и од Ресен – 5. Починати се три лица – по еден пациент од Скопје, од Дебар и од Струмица.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти на возраст од 55, односно 61 година, а во Опшата Болница во Струмица почина пациент на возраст од 67 години“, наведоа од МЗ.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9.669, бројката на оздравени пациенти е 5.145, на починати е 445, а бројот на активни случаи во земјата во моментот изнесува 4.079.

Направените 1.312 теста се преку ИЈЗ – 478, преку ЦЈЗ Скопје – 26, преку „Авицена“ – 132, преку „Биотек“ – 131, преку МАНУ – 125, преку Клиниката „Жан Митрев“ (Филип Втори) – 184, преку „Систина“ со PCR метода – 161, преку Судска медицина – 10, преку ЦЈЗ Битола – 45, преку Инфективна клиника – 7 и преку ГАК – 13. Досега во земјата се направени вкупно 91.015 тестирања на Ковид-19.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа се примени шест нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 78 пациенти. На кислородна поддршка се 29 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 16 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и седум позитивни деца.

Во ГОБ „8 септември“ се примени седум нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 101 од кои пет се поставени на респираторна машина. Во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти, а во болницата во Штип – 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, во Охрид, во Велес, во Куманово, во Прилеп, во Гостивар, во Струмица и во Струга се хоспитализирани 116 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19, посочуваат од МЗ.