3 милиони денари или 48.780 евра ќе чини новогодишната прослава која ќе ја организира Општината Центар, информираше денеска на прес конференција градоначалникот Андреј Жерновски. Тој рече дека правниот тим ги разгледа договорите и заклучиле дека раскинувањето ќе предизвика последици, односно општината ќе добие тужби.
„Ќе треба да им ги исплатиме парите, а тие да не настапуваат. Оваа иницијатива да се случеше пред месец ќе можеше да се откаже, но сега тешко. Овој настан ќе има и хуманитарен карактер, ние апелираме до сите правни лица во општината да донираат. Први ќе донираат артистите кои ќе настапуваат, тие се согласија да донираат од нивниот хонорар, 600 илјади денари“, рече Жерновски.
Градоначалникот се надева дека сумата на донации ќе ја надмине и онаа сума која ќе се потроши за организирање на забавата. Тој најави дека дополнително ќе се донесе одлука, каде ќе се донираат парите.
На новогодишната прослава ќе настапуваат групите САФ, Филм и Забрането пушење.
Инаку, општина Центар платила и 56 илјади евра за новогодишно украсување на општината.