Премиерот Алексис Ципрас во ексклузивното интервју за неделното издание на весникот Етнос покажува одлучност да го реши прашањето за името со ПЈРМ. Ципрас не смета дека е нелогично, зборот Македонија да се содржи во едно сложено име за севкупна употреба, било со географска или со временска одредница.

Прашањето со ПЈРМ преовладува во политичката актуелност. Какви шанси давате на изнаоѓањето решение по средбата во Њујорк со Нимиц?

 Ципрас: Посредникот на ОН се занимава со ова прашање последниве 26 години. Беше млад кога почна и сега остаре… Започна во 1992 тогаш кога во Владата на Константинос Мицотакис министер за надворешни работи беше Андонис Самарас, чиј приоритет беше да си ја изгради својата политичка кариера,  отколку да придонесе во решавањето на проблемот како што налагаше нацоналниот интерес, со најголеми можни придобивки за земјата. Со тоа тој непотребно ја оптовари надворешната политика на земјата. Подоцна негови истомисленици, патриотски националисти ја презедоа власта во ПЈРМ така што било каков обид за решение беше однапред осуден на неуспех. Денес, сепак по политичките промени во соседната земја гледаме една Влада што изјавува спремност да направи некои чекори. Останува тоа да го видиме и во пракса.

За вашата влада, клучното прашање е името на ПЈРМ или пак иредентистичкиот елемент, или пак и двете работи истовремено?

Ципрас: Очигледно е дека клучното пршање е иредентизмот. Доколку навистина сакаме да најдеме одржливо решение, должни сме да го бараме во едно име, но и во една поширока договорна рамка што нема да остави каков било простор за иредентизам или неисториски претензии.  И двете страни треба да му пријдеме на проблемот реално и мудро. Не треба да оставиме каков било простор за антагонизам меѓу двата народа, во услови кога она што ги поврзува е многу повеќе од она што ги раздвојува.

Што со прашањето на македонската нација?

Ципрас: Македонска нациија никогаш не постоела во античко време , како што немало ниту нација на Атињани, на Спартанци… Античка Македонија претставувала една многу јака сила на античкиот елинистички свет што се проширила особено во периодот на Александар Велики, на многу поголем простор од денешниот географски регион на Македонија. Од 7. век па натаму, на овој простор постепено се населувале, освен Грци и Словени, Бугари, Срби, Евреи Отоманци . Денес овој поширок географски  регион припаѓа на три различни држави. Во оваа смисла, сосема е историски неосновано и нелогично некои да бараат право на ексклузивитет на Македонија и тоа во смисла на национално определување.Но, не е нелогично зборот Македонија да се содржи во едно сложено име за свекупна употреба, било со географска, било со временска одредница. Така што ќе биде сосема јасно дека никој не бара територија или историја на други народи.

Но иредентизмот започнува од Уставот на соседната земја (чл.49 и сл). Неговата промена очигледно нема да се случи до јули годинава кога ПЈРМ очекува од Самитот на НАТО да добие „ветување“ за членство во Алијансата. Како ќе постапи грчката страна?

 Ципрас: Грчката позиција е јасна и се работи за одговорна позиција. Решително се залагаме за решение, но кое подразбира взаемно прифатливо, сложено име за севкупна употреба . И засевкупна употреба подразбира дека не може поинаку да се именува во билатералните односи и во ОН, а поинакво да е уставното име. Што се однесува до НАТО и ЕУ, работите се јасни. Членство во НАТО и започнување преговори за членство во ЕУ за соседната земја ќе има само со решение за името.

Значи Грција настојува на едно пакет-решение или пак забележувате обид за делење на прашањето, со решавање на прашањата дел по дел?

Ципрас: Кога велиме решение, мислиме на решение.

Левицата уште од првиот момент (1992) се залагаше за сложено име за ПЈРМ. Но, вие како премиер, треба да направите помирување имајќи ја предвид и волјата на сите чинители во опшетството. Како ќе го постигнете тоа?

Ципрас: Левицата во целина, односно СИРИЗА или порано Синаспизмос, како и ККЕ никогаш не си играше со тнр. национални прашања. Други се тие кои одвреме навреме се прават суперпатриоти или национални бранители, но во критичниот момент го продаваа националниот интерес. Да не заборавиме дека најголемата актуелна национална несреќа, инвазијата и окупацијата на „Атила“ на Кипар (турските окупациски војски на Кипар, н.з.), дојде по предавство на националистичките полковници (грчката Хунта од 1967). Денес, нивните потомци или поддржувачи се оние кои се најгласни и се преправаат дека се суперпатриоти. Но, националните интереси не се бранат ниту со викање, ниту со демонстрации. Националните интереси се бранат со преговарачки способности и стабилност, со меѓународни сојузи, со поставување приоритети и трезвеност.

 Дали со ова, оние кои не се согласуваат со решение за „македонското прашање“,ги идентификувате со радикалната десница, односно со Златна Зора?

Ципрас: Во никој случај. Јас со внимание ги слушам сите мислења. Ја почитувам загриженоста и особено чувствителните нишки на нашите сограѓани од северна Грција. Освен тоа и јас сум половина Македонец. Мојата мајка е родена и израсната во Македонија од родители бегалци од источна Тракија. Она на што ги повикувам е сериозно да проценат што е тоа што го јакне националниот интерес, а што го поткопува. Нерешавањето на прашањето го поткопува. Веќе 25 години соседите се признати од многу земји со името „Република Македонија“. Додека ние се бориме на сите страни да ги нарекуваат ПЈРМ, што значи сложено име во кое е содржан зборот Македонија, но без било каква одредница што ќе го спречува присвојувањето на географијата, но и на историјата. Доколку има можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни елементи што ни се натоварени уште од 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме.

Но пред се треба да го убедите г-динот Каменос…

Ципрас: Панос го познава проблемот и е чесен политичар – патриот. Има резерви и ги изрази во Владата, па сепак исто така изјави дека има целосна доверба во напорите на МНР, но и желбата да има широка политичка согласност, доколку е можно на сите политички сили, по ова прашање, доколку се постигне задоволителен договор.

 Г-динот Мицотакис не остава простор за согласност...

Ципрас: Мислам дека Мицотакис прави трагична политичка грешка, пред се за него лично, а потоа и за неговата партија. Во врска со прашањето за името има можност да покаже став на национална одговорност. Да потврди дека во едно критично, не само национално, туку и европско прашање, не се води од единствениот мотив на краткорочна политичка корист. Се до денес го прави токму спротивното. Не се осмелува јасно да го искаже ставот на Нова демократија. Се крие зад Панос Каменос. Ги меша 1992 со 2008 г. Еднаш зборува за Букурешт, друг пат за Самарас и го трпи својот потпретседател (Адонис Георгиадис, поранешен основач на Златна Зора, н.з.). Еднаш се дистанцира од демонстрациите, друг пат ги отпишува сите оние кои ги одвраќаат пратениците од тоа да учествуваат на нив. Така им покажува на Грците дека е способен да му служи на какво било мислење, доколку тоа му донесе гласови, а на Европјаните, дека е еден недоверлив политичар, класичен претставник на стариот политички естаблишмент кој ја банкротираше државата.

Доколку успеете да најдете решение што ќе биде од корист на нацоналните интереси, но не успеете да обезбедите сигурно паралментарно мнозинство, што ќесе случи? Дали би го доведеле во опасност опстојувањето на Владата?

Ципрас: Длабоко сум убеден дека на крајот решението што ќе биде во корист на националните интереси, ќе биде изгласано од многу повеќе пратеници од колкушто денес го сочинуваат парламентарното мнозинство. Но, треба да имаме предвид две работи: Прашањето за името не е внатрешно прашање, тоа е и европско и меѓународно. Оние кои ќе играат демагошки и популистички игри водени од внатрешните политички игри, на крајот ќе се изгорат. Владите паѓаат доколку им биде изгласана недоверба .Нека не се залажуваат некои. Каменос е чесен човек, нема да стане Самарас.

Според вас, кој е најголемиот предизвик: Решение за името или излегување на земјата од меморандумите?

Ципрас: Најголемиот предизвик е Грција, излегувајќи од оваа национална перипетија со меморандумите што трае цели осум години, повторно да стане јака и доверлива земја, што ќе стои цврсто на свои нозе, столб на безбедноста и стабилноста во најкритичниот регион на Европа, земја што решава проблеми, а не ги создава. И истовремено, земја што има динамична улога во основата на Европа, бранејки значајни вредности: Демократија, граѓанска правда, мир и соработка меѓу народите.

Доколку побарам од вас рекапитулар на трите години владеење на СИРИЗА, што би кажале?

Ципрас: Изминатите три години беа период на постојана борба за да се одржи земјата на нозе, во услови на банкрот и многу силна опсервација, со најмали можни загуби, со најголеми можни напори за најзагрозените општествени слоеви. Истовремено, тоа се три години за време на кои земјатаси го врати својот дигнитет и во Европа и во светот, три години за време на кои многу важни структурни области се реформираа  што се однесуваат на правата, продлабочувањето на демократијата, реформата на јавната администрација … Сето тоа конечно се оствари. Три години за време на кои беше сопрена не само катастрофа, туку и корупцијата и прекумерното трошење на јавните пари. Поставени се основите за земјата да навлезе во нов период многу пооптимистички од тој на меморандумите кои ќе завршат конечно за многу кусо време.