Демократската партија на социјалистите на актуелниот премиер Мило Ѓукановиќ е релативен победник на вчерашните редовни парламентарни избори во Црна Гора, четврти по ред од осамостојувањето.
Според се уште неофицијалните податоци од изборите, ниту една партија не освои апсолутно мнозинство, што значи дека ниту една листа не може самостојно да формира влада.
Центарот за демократска транзиција соопшти дека ДПС освоила 41,1 проценти од гласовите или 35 мандати.
Како најсилен претставник на опозицијата се издвои Демократскиот фронт (ДФ), организатор на минатогодишните повеќемесечни протести, кој освои 18 мандати. На второ место е коалицијата Кључ со 9 пратенички места, што се смета за разочарување, со оглед на тоа што го сочинуваат две силни опозициони партии – СНП и Демос и новоформираната УРА. Изненадување се Демократите на Алекса Бечиќ, кои првпат настапија на избори и освоија 8 мандати.
СДП на Ранко Кривокапиќ, која од јануари е во опозиција откако 20 години беше на власт со ДПС, освои 4 мандати. Од друга страна, Позитивна Црна Гора, која на почетокот на годината изгласа доверба и на тој начин ја спаси главата на владата на Ѓукановиќ, не успеа да го мине цензусот. Нејзиниот лидер Дарко Пајовиќ веднаш поднесе оставка.
По два мандати имаат Бошњачката партија (3,3 отсто) и СД (3,2 отсто), додека ХГИ со 0,5 осто од гласовите и коалицијата „Албанци одлучно“ (Форца, ДУА и АА) со 0,9 отсто ќе добијат по еден мандат.
Прогласувајќи ја победата во партискиот штаб, Ѓукановиќ на своите поддржувачи им порача дека неговата партија ја „одбранила“ Црна Гора и нејзиниот евроатлантски пат и најави дека со своите традиционални партнери, малцинските партии многу брзо ќе формираат нова влада.
– Како што сите видоа не беше лесно и едноставно бидејќи една голема сила се впрегна против малата Црна Гора, но блаодарение на вашата поддршка и поддршката на истомислениците, ние успеавме, рече Ѓукановиќ.
Тој најави брзо донесување на одлука за членство ан Црна Гора во НАТО и интензивирање на преговорите со ЕУ, а на економски план најави продолжување на започнатите крупни развојни проекти и побрз економски развој.
Ова инаку, е 10.победа на ДПС од вобведувањето повевеќепартиски избори во Црна Гора и четврта од прогласувањето независност. Ѓукановиќ кој е еден од основачитѕе на ДПС во моментов го троши шестиот мандат на премиерската функција.
Ѓукановиќ веќе 25 години е на власт, и е со најдолг премиерски стаж во историјата на Црна Гора и по должината на мандатот и по бројот на мандати. Тој воедно е единствениот бивши југословенски лидер кој остана целосно на власт од 90-тите години до денес.
Неговата ДПС е наследник на црногорските комунисти, а негови основачи покрај Ѓукановиќ се поранешниот претседател и бивши премиер Момир Булатовиќ и неодмна уапсениот, висок функционер на партијата Светозар Маровиќ.
Изборниот ден го одбележаа бројни неправилности, кои главно се однесуваат на купување лични карти, притисоци и предизборно поткупување гласачи. Мрежата за афирмација на невладиниот сектор поднесе 117 кривични пријави поради сомневање за повреда на избирачките права. Кај нејзе околу 500 граѓани пријавиле неправилности во текот на изборниот ден.
Сомневањата се дека ДПС плаќала претставници на дијаспората да дојдат во Црна Гора на гласање, за што наводно сведочат и видео снимки. На набљудувач на НВО Центар за мониторинг и истражување – ЦЕМИ му пришол гласач мислејќи дека е партиски активист, нудејќи му пасош со прашање каде може да ги подигне парите. Во близината на неколку гласачки места партиски активисти евидентирале гласачи. Најдрастичен пример се активистите на ДПС кои на само 20 метри од избирачко место поставиле шатор.
– Рано е да се оценува дали неправилностите ќе влијаат врз регуларноста на изборите. Официјално ќе се изјасниме во вторник, кога ќе бидат разгледани сите забелешки, истакна директорот на ЦЕМИ, Златко Вујовиќ.
Сепак, најголема сенка на изборниот ден фрли изненадувачкото апсење на 20 државјани на Србија, осомничени за создавање криминална организација и тероризам. Меѓу уапсените е и Братислав Дикиќ, поранешен шеф на српската жандармерија.
– Постојат сомневања дека планот на оваа организација бил во време на прогласувањето на изборните резултати со употреба на оружје да нападнат собрани граѓани пред Парламентот и службеници на Управата на полицијата, а потоа да ги заземат просториите на Собранието со намера да прогласат изборна победа на одредени политички партии. Исто така, постојат сомневања дека планот на криминалната организација бил лишување од слобода на премиерот на Црна Гора, соопшти полицијата.
Опозицијата, меѓутоа, тврди дека се работи за план на владејачката партија со креирање афери да влијае врз исходот од гласањето.
– Сето тоа го диригираше Ѓукановиќ. Со ова се влијаеше врз граѓаните, сметам дека е тоа скандал на африканско ниво, изјави лидерот на Демос, Миодраг Лекиќ на прес-конференција на коалицијата Кључ.