Уште не седнат во жешкото министерско столче за правда универзитетскиот професор Никола Тупанчевски ги доби првите пораки од граѓаните, кои откако ќе биде избран за министер од него очекуваат жестока, неприкосновена и неселективна битка за правда и намалување на корупцијата во судството.

На социјалната мрежа Фејсбук со честитката за министерската функција  до Тупанчевски беше испратено и барање за амнестија на осудените во крвавите настани од 27 април во Собранието.

Предлогот на мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски министерското место на Бојан Маричиќ да го преземе професорот Тупанчевски, штом вчера помина на највисоките партиски тела на социјалдемократите, предизвика големо внимание во јавноста и поделени мислења. Овој предлог добива широка поддршка со оглед на тоа што станува збор за непартиска личност, експерт во својата област, човек без дамки во досегашната работа, но и стручњак кој отворено и без додворување на било која власт уште во времето ги кажуваше сите недостатоци во лекувањето на една од најтешките рани на македонското општество – корупцијата и криминалот.

Поддршка на адреса на мандатарот Ковачевски, кој цело време додека го кроеше предлогот за новиот владин кабинет настојуваше во ресорот Правда да дојде кадар од академската заедница, стасува и поради тоа што професорот по кривично казнено право на Правниот факултет во Скопје, Тупанчевски има свои заслуги во битката против корупцијата како македонски претставник во асоцијацијата составена од група земји „Греко”. Тој уште во времето кога се кроеше државната антикорупциска програма и кога беа направени првите чекори во реформите на политичкиот, правниот и на судскиот систем предупредуваше дека освен што се прават промени на легислативен план околу воспоставување на правна рамка за сузбивање на корупцијата треба државата да покаже и конкретни резултати.

Во тој период беа направени и промени во Кривичниот законик, беше донесен Законот за спречување на корупцијата, Законот за спречување на перење пари и Законот за финансиската полиција. Токму Тупанчевски тогаш беше човекот кој недвосмислено даде јавна поддршка на сите тела кои беа формирани во борбата против корупцијата – Државната комисија за спречување на корупцијата, Дирекцијата за спречување на перење пари, а и финансиската полиција во рамките на Министерството за финансии.

Професорот Тупанчевски се залага во справувањето со корупцијата државата да има една единствена стратегија, која значи координирање на активностите на сите субјекти кои се вклучени во сузбивањето на криминалот. Според него, МВР, Министерството за финансии, Агенцијата за спречување на перење пари и Антикорупциската комисија ќе мора со заеднички сили во рамките на своите надлежности да се спротивстават на корупцијата и организираниот криминал.

Професорот Тупанчевски, иако некои велат дека власта сега го вади од нафталин за да одглуми уште една пародија во лажната битка со корупцијата во судството, без да дадат сериозна аргументација за таквото тврдење, не молчеше и кога течеа маратонските преговори меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство и кога се водеше жестока дебата дали прислушуваните разговори може да претставуваат доказ во кривичната постапка. Професорот забележа дека Законот за јавно обвинителство е еклатантен пример како не треба да се носи закон во Македонија, затоа што беше исклучена стручната јавност. Неговите пораки тогаш беа дека дилемата за прислушуваните разговори треба да се реши во Законот за кривична постапка.

СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА ЌЕ НЕ БРАНИ И ОД ХИБРИДНИ ЗАКАНИ

Пратеничката Славјанка Петровска јавноста очекуваше да ја види во министерската фотелја за внатрешни работи, а ќе ја наследи позицијата на Радмила Шекеринска која како македонски министер за одбрана на првата годишнина од членството на земјава во НАТО ги собра сите честитки од сојузниците за најбрзата воена интеграција на земјава во споредба со било која друга земја членка досега. Нема дилеми дека по овој пат ќе зачекори и Петровска, затоа што станува збор за стамена, вредна, принципиелна и одговорна личност, велат нејзините сопартијци кои и дадоа силна поддршка на партиските органи вчера. Во професионалното портфолио на Петровска е забележано е дека таа беше шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој останува и во владата на Ковачевски, а по неговиот избор за технички премиер во пржинската владата, новата министерка за одбрана беше дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.

– Благодарна сум за честа што мандатарот Ковачевски ми ја укажа и ме предложи за министер за одбрана во неговата Влада, а особено ми е чест што моите сопартијци го поддржаа предлогот и го оценија со позитивни коментари. Ова истовремено е и одговорност и обврска за мене, затоа што да се биде министер за одбрана на земја која е членка на НАТО значи да се грижите за доброто на граѓаните на вашата држава, за сигурноста на институциите, но и да се учествува во процесот на носење на геостратешките политики и одлуки на НАТО алијансата, вели Петровска за Нова ТВ.

Таа потсетува дека во изминатиот период беа спроведени институционални реформи во безбедносниот сектор, во армијата и во Министерството за одбрана со кои, како што вели, воспоставивме институционална рамка за пристапување во НАТО алијансата.

– Следува период во кој Министерството за одбрана и Армијата треба да покажат одржливост и континуитет во спроведувањето на политиките на Алијансата, преку кои несомнено се гарантира безбедноста и сигурноста на нејзините земји членки. Во услови на продор на хибридните закани, институциите мора да бидат подготвени соодветно да одговорат и да ги заштитат националните интереси и интересите на Алијансата. Управувањето со одбраната е сериозен и сложен процес во кој несомнено од исклучително значење ќе биде меѓуинституционалната соработка, порачува Петровска.

Во новиот тим на Ковачевски изненадување предизвика и предлогот поранешната пратеничка Славица Грковска да застане на првата борбена линија против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси. Очекувањата се дека новата вицепремиерка за борба против корупција за која велат дека многу одговорно и ревносно ја извршувала пратеничката функција во периодот од септември 2002 до јуни 2011, ќе може да направи посериозен исчекор од нејзиниот претходник Љупчо Николовски, за подобрување на индексот на корупцијата во земјава. Сепак, реални се и сомневањата дека тоа во земјава е однапред изгубена битка ако не се направи вистински пакт во гонењето криминал меѓу општеството, извршната, законодавната, но и на судската власт.

Грковска има искуство и од Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанините како заменик претседателка, а подоцна членуваше во неколку собраниски комисии. Таа ја водеше и пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на Франција, а беше дел и од пратеничката група на законодавниот дом за соработка со парламентот на Израел, а беше и координаторка на Клубот на пратенички, од март до септември 2010 година.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска во новиот тим на Ковачевски ќе ги креира политиките во Министерството за култура, а на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска доаѓа  Јована Тренчевска која досега беше директорка на Државниот инспекторат за труд.

ШАХПАСКА СИ ОДИ СО ЛОВОРИКИ

Министерката во заминување Јагода Шахпаска во разговор за Нова ТВ ја поздрави одлуката на мандаторот да и ја довери министерската позиција во ресорот труд и социјала на Тренчевска затоа што таа ја познава проблематиката и ќе може успешно да се справи со сите предизвици. Тренчевска не само што доаѓа од местото вршител на должноста директорка на Државниот инспекторат за труд била и државна секретарка во Министерство за труд и социјална политика, раководителка на одделението за родова еднаквост во МТСП, советничка за родова еднаквост во истото министерство и координаторка на ресурсен центар за унапредување на родовата еднаквост.

Шахпаска која ги доби сите ловорики од јавноста пред се поради својата борбеност во остварувањето на работничките права за денот недела како неработен ден, но и по тоа што во нејзиниот мандат државата се поднови со дури 24 детски градинки, успеа да ги обедини пратениците и од  власта и од опозицијата во гласањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Ова законско решение е едно од клучните барања и на Европската Унија, а со него се обезбеди принцип на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи.

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените кој беше една голема обврска за законодавната власт затоа што Македонија е потписничка на Истанбулската конвенција, е задача која исто така беше завршена во мандатот на Шахпаска.

– Горда сум на овие законски решенија кои беа поддржани како во еден вистински бундестаг, за нив  гласаа и пратениците од опозицијата – вели Шахпаска која својата работа во Министерството за труд и социјала ја заокружува со многу завршени проекти во соработка со Светска банка, УНИЦЕФ, ИПА.

По својата успешна мисија во ресорот труд и социјала д-р Шахпаска која по професија е специјалист по интерна медицина се враќа на своето поранешно работно место во Здравствениот дом во Пехчево, каде со нетрпение ја чекаат малешевци.

Досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, а на истите позиции, во МВР и во Транспорт и врски остануваат Оливер Спасовски и Благој Бочварски.

Нема потреси ниту во ресорот за економски прашања ќе го води Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер.

Мандаторот за состав на новата влада Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада во која влегуваат СДСМ, ДУИ, ЛДП и Алтернатива.

– Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Предлогот беше таков да имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден ресор одат во друг. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговараат повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година – рече Ковачевски откако во Собранието ги достави предлозите.

Тој најави дека клучен приоритет на Владата ќе биде да се справи со енергетската криза во државата.

– Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието во декември – рече Ковачевски.

И секако, евроинтеграциите на земјава, остануваат врвен приоритет на владата на Ковачевски.

Претседателот на парламентот Талат Џафери ги покани пратениците на  седница на која ќе ја изберат новата влада в сабота, на 15 јануари 2022 година, во 11 часот.

Стојанка Митреска