Турција осуетила дури 339 напади во 2016 година што во најголем дел биле планирани од курдски екстремисти. Ваква чувствителна информација со јавноста ја сподели турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Според него, 313 од нападите ги планирале припадници на Работничката партија на Курдистан, а зад 22 стоеле припадници на џихадистичката Исламска држава.
Турските власти во текот на минатата година заплениле 247 експлозивни направи, 23 автомобили-бомби и привеле 23 лица како потенцијални бомбаши-самоубијци. Сојлу во говорот пред Парламентот рече дека безбедносните сили привеле и 3.506 осомничени членови на Исламска држава меѓу кои 1.531 биле странски државјани.
Министерот ги нагласи и зголемените мерки на безбедност што се преземени во јавниот превоз, на аеродромите и на железничките станици ширум земјата.