Секое доцнење или одложување на американските испораки на оружје за Кијив ќе ја охрабри Русија да ја продолжи својата инвазија, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи, откако го повика американскиот вршител на должност во Амбасадата на САД.
„Украинската страна нагласи дека секое доцнење или одложување на поддршката за одбранбените способности на Украина само ќе го охрабри агресорот да ја продолжи војната и теророт, наместо да бара мир“, се вели во соопштението на украинското Министерство.
Соединетите Американски Држави вчера соопштија дека ги запираат испораките на одредено оружје за Кијив, наведувајќи дека се загрижени за сопствените намалени залихи на муниција. Во исто време, руската армија ги засили нападите врз Украина.
Киев се обидува да ја разјасни ситуацијата со Вашингтон, изјави Дмитро Литвин, советник на претседателот Володимир Зеленски.
Комуникацијата со американската страна во моментов продолжува на сите нивоа, информира Литвин.