Новинарката од Киев, Тетјана Матјчек за НоваТв раскажува за ужасот во Украина. 

„Рускиот претседател Владимир Путин се плаши дека ЕУ и Нато преку Украина ќе се доближат со Русија и тоа е едниствената вистина за руско-украинскиот конфликт“, вели во интервју за НоваТВ, Тетјана Матјчек, новинарка од Украина. Украинците се свесни дека зад агресијата врз Украина стои стравот на Путин од демократска и слободна соседна Украина.

„Ако ме прашувате дали позади овој конфликт стои наводна агресија врз жители во областите Донецк и Луганск од страна на украински воени структури, тоа е само пропаганда. Единствената вистина е дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја окупира мојата земја, односно не ја сака Украина да биде демократска и проевропски ориентирана, независна држава која има интенции да се вклучи во ЕУ и НАТО. Тој е подготвен да стори се за да ја спречи интеграцијата на Украина во овие структури“, вели за НоваТВ, Матјчек, која потекнува од регионот на Луганск, но долги години живее во главниот град Киев.

Матичек вели дека улиците на Киев се празни, а жителите или се скриени во подрумите или веќе го напуштиле градот. Таа додава дека руската војска се уште не го зазела Киев, иако вели, низ градските улици се водат спорадични борби помеѓу руските и украинските сили. Новинарката Матјчек, која има над 10 годишно работно искуство во медиумите и самата е на пат да ја напушти родната земја. Во моментов престојува кај пријатели близу полската граница, а деновиве планира патот да го продолжи преку Полска до Франција.

„Со мојот татко го напуштивме Киев во петокот, бидејќи во четвртокот ноќта имаше гранатирање. Две руски балистички ракети, кои беа урнати од украинските одбранбени сили, паднаа недалеку од мојата куќа. Звукот и глетката од она што остана од соседството по гранатирањето ме преплашија до смрт. Го земавме само она што ни е најнеопходно и со татко ми го напуштивме Киев. Сега сме сместени кај пријатели на западот од Украина. Оваа недела ќе се обидеме да ја минема границата со Полска и потоа ќе продолжиме кон Франција. Таму живее мојот брат и се надевам дека ќе останеме кај него и неговото семејство“, вели Матјчек.

Граничните премини со Полска и Унгарија на западот од земјата се преполни со бегалци. Оние кои се обидуваат границата да ја минат со автомобил, ако имале среќа да обезбедат доволно гориво, чекаат од 10 па дури и до 35 часа за да минат од другата страна.

„Колоните се километарски. Се чека и по ден и половина за да се мине границата. Ако тргнете со воз, пак, тоа може да трае цел ден. Железничката рута од Лвив до Полска, која вообичаено траеше три часа во нормални услови, сега се патува и по 23 часа“, вели Матјчек и додава дека возовите се преполни, а луѓето како стампедо се обидуваат да се качат на возовите.

Руската инвазија врз Украина била шок за целото население. Никој не очекувал дека нападот ќе се случи толку брзо и ненадејно, бидејќи како што раскажуваат локалните жители, по независноста на Крим од пред 8 години постојано имало вербални провокации од руска страна, но никогаш не очекувале ваков, како што велат, нецивилизиран напад.

„Искрено, ниту еден од нас не ја очекуваше руската инвазија. Да, можеби стравувавме дека би имало некакви борби на истокот, но не и во главниот град. Едноставно, поучени од минатото, само се надевавме дека рускиот претседател Путин, преку вербални закани се обидува да го привлече вниманието и да ги заплаши ЕУ и САД“, вели Матјчек во изјава за НоваТВ.

Таа, како и нејзините роднини, пријатели и соседи е свесна дека животот каков што бил пред инвазијата повеќе нема да се врати и оти дури и веднаш да се смират страстите, ништо нема да биде исто, а на земјата ќе и требаат децении за да се обнови. За човечките жртви, вели, тоа е друга приказна. Некои семејства што изгубија свои блиски, недолжни граѓани, никогаш нема да закрепнат од загубата.

„Размислуваме за сега и денес, веќе никој не се осмелува да размислува што ќе биде утре. Едноставно не знаеме што ни носи утрото. Стотици домови се комплетно уништени, ако продолжи гранатирањето уништен ќе биде и мојот дом. Милиони луѓе немаат покрив над глава и ќе нема каде да се вратат кога сето ова ќе заврши. Но, јас, како и сите други украинци, верувам дека од оваа неправедна војна ќе излеземе како победници. Имаме силна армија, а голем поттик ни е поддршката што ја добиваме од ЕУ и светот. Во едно сме согласни, ние не бегаме преку граница за да останема надвор, ние спасуваме жива глава со надеж дека што поскоро ќе се вратиме дома“, додава таа.

Опишувајќи ја моменталната состојба во Украина, Тетјана Матјчек вели дека има градови каде луѓето веќе не можат да најдат ниту леб ниту вода за пиење, но имало и такви каде животот навидум тече вообичаено.

Во Киев се уште има маркети кои работат, но храна има многу малку. Властите организираат храна и вода постојано да има во метро станиците каде веќе со денови престојуваат наши сограѓани. Во Одеса на пример, локални ресторани готват оброци за населението и за војниците. Во Лвив има доволно храна и се друго што е потребно. Таму луѓето излегуваат да си пазарат бидејќи нема воени дејствија, ниту пак руски трупи. Но, има и градови како Чернигив, кој е близу границата со Белорусија. Тој е опколен од руските војски и таму нема можност за достава на храна и намирници“, вели Матјчек.

Надежта кај украинците спласнува, а тие се помалку веруваат дека дијалогот помеѓу двете земји ќе вроди со плод, без Украина да излезе како оштетена страна на која ќе и биде ограничено правото на независност и определба да стане членка на Унијата. Матјчек за крај вели дека ова е време кога светот треба да биде обединет во санкциите кон Русија и да изврши силен притисок врз руската економија, оти само на тој начин би можело да се постигне ефикасно решение за кризата.

(Б.Божиновска)