Поранешниот директор на владината Службата за општи и заеднички работи Васе Доневски, осомничен дека ја злоупотребил службената положба ќе остане во притвор уште 30 дена.
Доневски беше уапсен во март и му беше изречена мерка притвор за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување. Против странскиот државјанин В.Г. сопственик и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје му се изречени мерки на претпазливост за соизвршителство.
Според Финансиската полиција, првопријавениот Доневски испратил известување за оглас за јавна набавка до седум електронски оператори . Четири од нив, Друштвото за обезбедување и услуги „Секјуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје, Друштвото за услуги „Секјуриком сервис“ ДООЕЛ увоз – извоз – Скопје, Друштвото за услуги АПС ДОЕЛ Скопје и „Топ сервис“ ДОЕЛ Скопје се капитално поврзани односно сите се во сопственост на второпријавениот.
Друштвото за производство, трговија и услуги „Серта“ ДОЕЛ увоз – извоз Скопје и Друштвото за хигиенско-технички услуги „Техночист“ ДОО Скопје , пред јавната набавка имале соработка со „Секјуриком мулти сервис интернационал“.
Друштвото за трговија и услуги „Еко клининг“ ДОЕЛ Скопје е фамилијарно поврзано со „Серта“ ДОЕЛ.
Пријавените склучиле договор за извршување на услуги прекршувајќи го Законот за јавни набавки со што оформиле неделива постапка за јавна набавка која меѓусебно опфаќала пет дејности коишто не се поврзани: одржување на хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, услуги за обезбедување и ПП заштиа и услуги за оперирање со ТТ централи за органите на Државната управа. Сето тоа, било со намера да се намали и елиминира конкуренцијата, ја избегнале можноста и за електронска аукција со која ќе се овозможи конкурентно наддавање и намалување на цената на услугите. „Секјурикум мулти сервис интернационал“ се стекнало со противправна имотна корист во износ од 660.834.855 денари.