Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес конференција во Собранието соопшти дека било планирано да се формираат работни групи помеѓу политичките партии кои што ќе работеле на предлог – забелешки кои што биле  проблематични во целиот овој текст.

„Предлогот е во тие работни групи помеѓу политичките партии да бидат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии. Првата средба се очекува да биде утре, а времето и местото се’ уште не се договорени. Персоналниот состав на овие работни групи дополнително во текот на денот ќе биде одобрен“,  изјави Мицевски дополнувајќи дека тоа е иницијатива на партискиот лидер Христијан Мицкоски за да се разговара за измени кои што ќе го подобрат предлогот за заштита на државата и на националните интереси.

СДСМ ги  демантира ваквите наводи на координаторот на ВМРО- ДПМНЕ Никола Мицевски. Од таму потврдуваат дека утре ќе имало координација на пратеничките групи но дека тоа не се однесувало на формирање вакви работни групи за преговарачката рамка туку дека ќе се зборува за заклучоци што би требало да бидат разгледани и усвоени од Собранието. Од СДСМ велат дека на Мицкоски и на ВМРО – ДПМНЕ одамна им било понудено да учествуваат во вакви работни групи, но дека тие одбиле.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократски сојуз, лидерот на Либерално-демократска партија Горан Милевски и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин имале денес средба со Шарл Мишел, на која според Трајанов на европскиот претставник му била пренесена потребата за формирање на работни групи во парламентот. „Треба да формираме мешовита повеќепартиска работна група која ќе подготви заклучоци и ќе ги даде на изјаснување на парламентот“, рече Трајанов по средбата.

И премиерот Ковачевски во изјавата на прес-конференцијата со Мишел рече дека крајната одлука ќе ја има парламентот кој ќе изготви заклучоци во врска со предлогот за почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ, по кои ќе постапи Владата. (М.Т.)