„Иницијативата Отворен Балкан не само што е добра и сите ја поддржуваме, туку таа е можност регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвици со кои се соочува со децении. Може да биде и можност за забрзување на патот кон ЕУ“, рече денеска еврокомсарот за соседство и проширување Оливер Вархеји во говорот на самитот на иницијативата Отворен Балкан кој се одржува во Охрид.

Според мене, нагласи еврокомесарот, ако работата ја завршите добро тоа ќе ја забрза економската интеграција на регионот а и реалната интеграција на регионот во ЕУ.

„Зборуваме за процеси, за преговори, за рамки, за нон- пејпери итн. Но ова навистина не е интересно за нашите луѓе во Европа или на Западен Балкан. Сметам дека главното прашање за луѓето овде е кога ќе живеат како што се живее во Европа и кога ќе бидат отстранети сите бариери меѓу ЕУ и Западен Балкан“, рече Вархеји.

Тој ја нарече инцијативата Отворен Балкан како навистина важно достигнување на регионот бидејќи идејата потекна од овде. „Кога за првпат на маса имавме голем инвестициски план за решавање на главните пречки во регионот, ние ги решававме токму тие предизвици. Но без регионална соработка економскиот инвестицски план нема да постигне многу, ако камионот запира на секоја граница, или доколку се уште треба да ви ја нострифицицираат дипломата за да работите во друга држава која е на еден час од вашето место на живеење. Регионот може самиот да создаде една третина од БДП, и тоа може да го оствари тоа  само преку економска интеграција“, порача еврокомесарот Вархеји.

Тој им рече на лиерите од Западен Балкан дека соработката преку Отворен Балкан треба да продолжи понатаму и изрази задоволство што иницијативата веќе преминува во конкретна реализација со потпишуваат договори меѓу земјите учеснички.

„Ќе бидеме тука со економскиот инвестициски план да ви помогнеме. Имаме знaење, инфраструктура и подготвеност да му се помогне на регионот да помина на следното ниво. Ова е многу позитивна иницијатива, ова е иднината која може да ја создавате од денес и треба целосно да ја искористиме“, рече Вархеји. (С.К.)