Жените во политиката и европските амбиции: интервју со проф. д-р Иванка Василевска
Не можам лично да разберам, зошто некој би го оспорил нашето право да дадеме поддршка на нашиот стратешки партнер САД во услови кога е јасно дека ако не се превземат итни чекори, војната на тлото на Европа ќе продолжи да ги уништува животите на милиони недолжни луѓе, нешто што мировниот проект за обединета Европа до сега не успеа да го спречи.
Во интервјуто за Новатв.веб со Проф. д-р Иванка Василевска, долгогодишна професорка на Правниот факултет при УКИМ и актуелна политичарка разговараме за жените во политиката во Македонија. Василевска ги споделува и своите видувања за евроинтеграциите, надворешната политика и перспективата на нашата држава.
Нова: Вие сте долгогодишна активна политичарка и професорка. Како ја гледате моменталната положба на жените во политиката во Македонија? Дали мислите дека има доволно простор и поддршка за жените во политичките партии, особено во врвното раководство?
Василевска: Несомнено е дека положбата на жените во македонската политика се подобрува секоја деценија. Сметам дека секогаш има простор за вклучување на жените во политиката, а во однос на поддршката верувам дека секоја една од нас треба самата да си ја обезбеди или со други зборови неопходно е да се разбере дека таа не може ниту да се наследи, уште помалку да биде подарена, туку истата треба и мора да се сработи. Во поглед на раководните позиции во рамките на политичките партии, ценам дека треба да важи истиот принцип.
Нова: Дали жените кои се решаваат да влезат во политика се поранливи и исплашени од јавни осуди и напади. Какво е вашето искуство, сте се соочиле со нешто вакво?
Василевска: Честопати говорам дека не ја барав јас политиката, туку таа ме бараше и ме најде. Исклучително сум самокритична и тешко газам на терен кој не ми познат, затоа сите кои ме познаваат ја разбираат емпатијата, но и жестината со која ги упатувам пораките во кои силно верувам дека се исправни. Кога влегувате во јавниот простор, потребно е да се помине, би рекла, трнливиот пат на искуствата кои не секогаш се пријатни и она што никој не може да ви го пренесе, а останува самите да го искусите е содржано во сознанието дека во процесот на развивањето во политичките води, искуството во комбинација со доброто воспитание и образованието, стануваат клучни во даден момент да превземете водство во одреден процес или да се обедините со групата со која ги споделувате истите вредности и цели. Во поглед на ранливоста и таа со времето станува поселективна т.е. веќе подолго време проценувам од кого доаѓаат навредите и клеветите, дали имаат воопшто била каква поврзаност со тоа што сум и со тоа што го работам и т.н. и според тој вредносен критериум размислувам дали да дадам значење или да се изземам од мочуриштето во кое по ниеден основ не припаѓам. Сум поминала и физички и вербални закани, непримерни удари кои некогаш доаѓале и од луѓе за кои никогаш не би помислила дека е возможно да се послужат со валкана пропаганда, сум била и ранлива и некогаш на момент и страшно разочарана, но морам да истакнам дека во сите тие тешки моменти имав искрени пријатели и во мојата партија ВМРО-ДПМНЕ, како и голем број на истомисленици и поддржувачи од академијата и од поширокиот политички спектар и сето тоа влијаеше да истраам и да не дозволам да ме обземе безидејноста, туку продолжив напред со јасна цел која ја обединува желбата за просперитет и напредок на сите македонски граѓанки и граѓани!
Нова: Како професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како гледате на интересот на студентки за политички науки? Дали забележувате зголемен интерес или сè уште постои перцепција дека тоа е „машка“ професија?
Василевска: Моето 21 годишно академско портфолио говори дека интересот за студирање политички науки било атрактивно и за женските и за машките студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во принцип, науката за политиката во своето средиште го има граѓанинот т.е. човекот и со тоа и општествената заедница. Нашата професија бара голем ангажман во смисла на изучување на сите сфери на општеството и истата е применлива во многу гранки од институционалниот механизам, а во истовреме истата е неопходна како во политичките партии, така и генерално во граѓанскиот сектор. За жал, сметам дека инфлацијата на незаслужени дипломи од секакви приватни институции кои никнаа последниве дваесетина години, го урнаа нивото на политолошката професија и голем дел од моите студенти заминаа да работат надвор од земјата, а другите катадневно се борат со негативната селекција која е предизвик со кој до сега не сме почнале да се справуваме како општество.
Нова: Како политичарка и како жена, како го доживеавте инцидентот во Собранието помеѓу пратеничките Кочовска и Петровска? Дали ваквите навреди покажуваат дека, и покрај сè, жените во политиката сè уште се напаѓани на лична и родова основа?
Василевска: Кочовска и Петровска се личности кои ги познавам многу долго време. Ценам дека „инцидентот“ е предимензиониран и истиот се користи како дефокус од суштинското прашање кое за жал до сега никој не го постави. Дали ќе извлекуваме заклучок „што сакала да каже Кочовска“? – или ќе се запрашаме „што сé не треба да пишува Петровска на својата фејсбук страна“? – е прашање на кое секој еден од нас би требало сам да си одговори. Митологизацијата на жртва е прашање на сценарио, а не на суштинска борба против полово базирано насилство и истата кога станува селективна, за мене е неиздржана.
Нова: Дали мислите дека во политиката жените се напаѓани поразлично од мажите, и дали јавноста е посурова кога се работи за жени политичарки?
Василевска: Апсолутно! – Видете, ако жената е физички атрактивна, тогаш е голем проблем. Ако пак е неатрактивна, пак е голем проблем. Ние сеуште се бориме со скриената мизогинија и со различни психолошки деформации кои посебно во транзициски општества, како што е македонското, дефинитивно истите се посурови и крајно дискриминирачки во поглед на жените во политиката. Тоа се должи пред се на опаѓањето на политичката култура, како и на можноста секоја индивидуа да има пристап до јавниот интернет простор, да ја користи моќта на својата тастатура и да се изживува со определената мета.
Нова: Можеме ли да ја споредиме улогата на жените во политиката надвор од нашата земја, да речеме европските земји каде што сте биле и сте виделе, и кај нас, кој се главните разлики, ако ги има, и каде заостануваме ние по ова прашање, може ли нешто да научиме и да примениме кај нас?
Василевска: Генерално европските политичарки имаат афинитети и таленти исто како и жените во македонската политика. Разликата е што кај нас сеуште квотите се гаранција за застапеност во политичкиот простор, а во рамките на Европската унија имате различен спектар на жени во политиката кои имаат автентичен израз и прашањето на половата припадност е само еден од повеќето критериуми кои треба да се исполнат како би можеле да се натпреваруваат во политичката арена. Моето мислење е дека ние треба да обрнеме повеќе внимание на целосната слика при изборот на политичарите, а со тоа и на оние од женскиот пол со цел да овозможиме силни и квалитетни жени и мажи да добијат можност да го дадат својот придонес во оваа комплексна професија.
Нова: Вие сте и копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија истакнавте дека нашата земја достигна 50 проценти хармонизација на домашното законодавство со законодавството на ЕУ. Кои се најголемите предизвици во овој процес и што останува како приоритет во наредниот период?
Василевска: Во рамките на дводневниот 23ти состанок на Мешовитиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација, заедно со нашите колеги од европскиот Парламент изгласавме Заеднички препораки кои се во насока на надминување на препреките во поглед на македонскиот евроинтегративен процес. Заедно со г-динот Карло Реслер, со кој заеднички претседаваме со Комитетот и со силна поддршка од страна на известителот во европскиот Парламент за напредокот на земјата, г-динот Томас Вајц, имавме можност да се слушне македонската страна, а со тоа и да се објасни дека нашите непоколебливи заложби се содржани во што поскорешното пристапување кон полноправното членство во Унијата, со почитување на Копенхашките критериуми, нешто што самото по себе предизвика огромен интерес од страна на сите тринаесетмина европратеници кои присуствуваа на состанокот.
Нова: По последното гласање за резолуциите во ОН, добивме критики од амбасадорите на ЕУ дека нашите дела не се во согласност со изјавите за посветеност кон европските вредности. Како ја коментирате оваа реакција?
Василевска: Живееме во ера на комплетна цивилизациска трансформација и еден од клучните предизвици е да се остане доследен на вредностите и правилата во меѓународниот простор кои имаат суштина и значење за нашиот внатрешен поредок. Навиката да се прифаќа сé без да се разбере што е прифатливо и неконзистетноста на европските пораки во минатото, не направи и помудри, но и посвесни за високиот национален интерес на Македонија. Од тие причини, една од нашите најголеми предности е разбирањето за важноста на нашата позиција во регионот на Западен Балкан, исто како и знаењето за тоа како ние ќе напредуваме како држава во условите кои ги нуди реалполитиката. Не можам лично да разберам, зошто некој би го оспорил нашето право да дадеме поддршка на нашиот стратешки партнер САД во услови кога е јасно дека ако не се превземат итни чекори, војната на тлото на Европа ќе продолжи да ги уништува животите на милиони недолжни луѓе, нешто што мировниот проект за обединета Европа до сега не успеа да го спречи.
Нова: Во време на меѓународни превирања во однос на прашањето Украина и Русија, вербалната тепачка меѓу Трамп и Зеленски, која е нашата надворешна политика или еве вашето мислење по ова прашање?
Василевска: Ние уште во нашата изборна програма најавивме дека ќе водиме проактивна и издржана надворешна политика која ќе ги одразува првенствено македонските национални и државни интереси, а понатаму ќе ја подобри сликата за македонското општество и со тоа ќе развива пријателства во странство на рамноправна основа. Силно верувам и се надевам дека наскоро ќе се случи мир во Украина и верувам дека на меѓународната политичка сцена ќе добијат израз мировните процеси, како и емпатијата за страдањата на милиони луѓе насекаде низ светот. Проактивната улога на мојот колега, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г-динот Тимчо Муцунски, како и активностите на министерот за европски прашања, г-дин Орхан Муртезани, ме уверуваат дека со текот на времето ќе имаме добар резултат во интерес на Македонија и на меѓународната политичка сцена.
Нова: Каде ја гледате перспективата на Македонија, дали ЕУ е завршена приказна, неостварена амбиција или …?
Василевска: На ЕУ и е неопходна Македонија исто како што на Македонија и е неопходна ЕУ. Тоа е комплементарен процес во кој генерално се додека целиот регион на Западен Балкан не стане дел од една целина, ќе бидеме осудени да живееме со духовите од минатото. Старата парадигма за Балканот и неговата политичка маргинализација трае повеќе од два века и истата мора да биде променета бидејќи светот веќе подолго време го промени разбирањето за улогата на полуконтинентот. Сонот за евроинтегрирање во Унијата е врвен приоритет на политиката која ја поддржувам и сигурна сум дека истиот ќе биде остварен.