За Нова ТВ од Букурешт: Сашко Ѓ. Димовски

Букурешт во ден на натпревар и Букурешт во ден без натпревар на Европското фудбалско првенство е сосема различен град. Згора на тоа, нашиот прв контакт со романската престолнина беше во неработен ден (недела), во кој македонската репрезентација играше против Австрија во дебито на големите турнири. Заглушувачки сирени на полициски возила, припадници на жандармеријата на секој чекор, Министерството за внатрешни работи, се чинеше, ги мобилизирало сите свои единици, вклучувајќи ја коњичката која гордо парадираше околу Националната арена. Сè во насока на одржување на јавниот ред и мир и елиминирање и најмала можност за „блиски“ средби меѓу македонските и австриските навивачи.

Декор на Букурешт беа и многубројните возила на итната медицинска помош, пожарникарски коли и еднообразно униформирани волонтери со чија љубезност и пријателски пристап, едноставно не може да погрешите. И тоа е најголемиот показател дека романскиот главен град е домаќин на натпревари на 16. континентален турнир. На бандери по улиците, и тоа оние главните булевари, се поставени знамиња со логото на ЕП, реклами какви што се налепени и на дел од возниот парк на јавното сообрачајно претпријатие. И толку. Интересот кај домашната јавност е мал, незначителен, а каков би бил поинаку во отсуство на романската репрезентација на турнирот. Па, амбиентот по кафулињата и рестораните, особено во Стариот град го прават фанови на гостинските репрезентации. Австријците се повлекоа од причина што нивната селекција во второто коло ќе патува во Амстердам кај Холандија, Украинците се чекаат во Букурешт, но затоа, вакумот го користат македонските навивачи кои преку ден ги окупираат локалите.

Класични фан зони со навивачи, какви што имало на Светски и Европски првенства во минатото, овојпат нема, веројатно поради епидемиолошките препораки да нема групирања. Но, и со нив и без нив, кафеаните се полни, во т.н. Стар град ечи македонска музика, се пие, се пее, се игра оро на отворено. Македонските навивачи накратко кажано „грмат“ во Букурешт.

За влез на Националната арена потребно е да минете низ три безбедносни прстени низ кои тешко дека може да задржите нешто во себе што не е за трибина, како шишиња, запалки, труби, држачи за знамиња, итн. За оставање на ранци има поставено посебен контејнер пред пунктот за верификација на билетите. Во радиус од километар, можеби и повеќе, околу стадионот на ден на натпреварите е забранет и алкохол. Единствено се служи вода, кафиња, сокови и безалкохолни пива. Останатите малигани се сместени во категоријата „забранети“.

Денеска е слободен ден на ЕП во Букурешт, што остави малку време за разгледување и почувствување на романската метропола која, според пописот од 2019 година, брои околу два милиона жители. Како и секој град, и главниот на Романија, си има свои белези кои се испреплетуваат на речиси секој чекор. Широки булевари, микс на архитектура од поранешното уредување чиј дел е оставен на забот на времето, но и модерни зданија кои ја отсликуваат насоката на движење на земјата по влезот во НАТО и во Европската Унија. Локалните жители велат „подобрен ни е стандардот и квалитетот на живеење“, иако признаваат дека очекувале и посакувале тој процес да оди побрзо.

 

Секојдневието на Букурешт не е променето во голема мера како последица на Европското првенство. Цените на сместувачките капацитети и на храната се покачени, но не во онаа мера како што беше случај кога се бараше кревет повеќе за Суперкуп мечот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед во Скопје. Она на што треба да се внимава е курсот при размена на евра во леи (официјалниот курс е од 4,5 до пет леи за едно) и, секако, такси превозот. Оти за дестинација за која, според нашите соговорници, треба да платите 10 до 15 евра, лесно може да остане без цела 50-ка доколку сте странец и не говорите романски.

Романците се горди на својата историја, традиција, јазик и култура. Можеби тоа не го истакнуваат директно, но низ разговорот со нив се забележуваат такви нишки. И, секако, „Басарабија“ со која може да се забележат неколку графити и кејот на реката Дамбовица која го дели градот на два дела – „Basarabija is Romanija“ во превод значи (Молдавија е Романија). Со помладата популација можете да се разберете на англиски или италијански, со повозрасната тоа оди малку потешко, па напомош се гестикулиции при објаснување, прашување или давање на одговор.

Букурешт не можете да го запознаете во ден или два. Има толку многу што да се види од знаменитости и градби во која е вградено по нешто од секој период од историјата. Но, она што паѓа во очи е Палатата на парламентот, импрерсивно здание од времето на Николае Чаушеску кое на прва ги отсликува неговите мегаломански апетити за комфор и раскош. Се протега на огромна површина која хортикултурно е одлично средена и со фасада која се одржува како да е неодамна изградена. Каскадна е, се издига на неколку нивоа и во неа е вграден толку бетон, колку што нема во цела населба, од помалите, во Скопје.

Блиску до неа, воздушна линија, се издигнува голема и, според просторот на кој се гради, величествена црква на романската патријаршија, налик на Соборниот храм во Скопје, но барем двапати поголем. Објектот е градилиште, со поставени скелиња за зафати на фасадата и куполите, со пристап преку една од најфреквентните сообраќајни артерии во градот и, велат, ќе треба уште некое време за добивање на финалниот изглед.

Меѓу работите што на прва паѓаат во очи во Букурешт се електричните тротинети. Може да ги забележите насекаде по улиците, оставени или потпрени, на тротоарите. Ги има буквално насекаде.

Кога прашавме зошто е тоа така, ни одговорија дека тоа се тротинети што ги рентаат фирми во градот, како велосипедите во Скопје и никој не ги оштетува или краде, оти во нив имаат градено ГПС уред со кој може да бидат лоцирани во секое време, што само по себе доволно кажува за напредокот на свеста на романскиот народ.