Министерството за внатрешни работи (МВР) во голема акција синоќа во близина на Скопје заплени над 100 килограми марихуана со што е пресечен  меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија во нашата земја во вредност од околу 300 000 евра, со што од слобода е лишено лицето З.С(57) од Охрид, против кого има поднесено кривична пријава, информираат од МВР.

„Лицето З.С., управувајќи патничко возило „мерцедес“, со охридски регистарски ознаки, се упатил во с.Љубаништа, охридско, со намера да изврши неовластено пренесување на дрога и во близина на место викано „Ушине“ од албански државјани преземал пет големи платнени торби во кои имало марихуана во различни пакувања, во вкупна количина од околу 100 килограми“, се вели во соопштението на МВР.

Откако ја земал дрогата, З.С имал за цел да ја пренесе од Охрид до Скопје, но во раните утрински часови лицето било сопрено од страна на полициски службеници и дрогата била пронајдена.

Акцијата се спроведуваше на влезот на Скопје, од страна на Тетово.

Ова е втора голема заплена на марихуана во период од два дена, откако МВР и завчера заплени околу 100 килограми марихуана.