Ураганот „Елса“ денеска ги погоди Карибите и со силни ветрови се заканува со ново уништување на Хаити, чии ресурси се мобилизирани за борба против насилството на бандите. „Елса“, првиот ураган во Атлантикот оваа сезона, е прва категорија од скалата Сафир-Симпсон од вкупно 5 и малку ослабна во текот на ноќта, со налети на ветер до 120 километри на час.

Во 8 часот беше јужно од островот Хиспанола, на кој се наоѓаат Хаити и Доминиканска Република, и се движеше кон северозапад, соопшти американскиот Национален центар за урагани (НХЦ). Според предвидувањата на НХЦ, „Елса“ ќе стигне до јужниот брег на Хиспанола и во текот на ноќта ќе ја погоди Јамајка, а утре делови од Куба.

Како што наведува НХЦ, ураганот до понеделник треба да мине преку Куба и да стигне до Флорида, а притоа и да го подигне нивото на морето за 1,5 метар во јужна Куба и за околу 1,2 метри на брегот на Хиспанола, а помалку од еден метар во Јамајка.

Властите во Хаити го зголемија нивото на тревога на црвено, максимум за целата земја.

– Силните налети на ветрот достигнуваат од 118 до 130 километри на час, а можни се и силни поплави и свлечишта, особено на југот на земјата, предупреди Цивилната заштита на Хаити.