Вработените во институциите од културата се деградирани како никогаш досега, колективни договори нема, условите се лоши за работа, а власта по брза постапка наметнува измени во Законот кои дополнително ја деградираат фелата, обвинија на денешниот протест пред Министерството за култура членови на 20 организации во областа на културата, на протест организиран под водство на Синдикатот на културата во Македонија.
Со перформанс пред Министерството на раштиман оркестар, тие симболично демонстрираа каква е состојбата во културната дејност денеска, а протестот го насловија „Културата не ви ја трпи тортурата“.
-Нашите барања како синдикат се стопирање на измените во Законот за јавен сектор, во првите сто дена од новиот парламентарен состав. Доколку не се случат промени синдикатот стапува во штрајк. Покачување на платите во културата на носители на дејност да биде минимум две просечни републички плати, ако мислите дека кај конзерватор, археолог, доктори на науки е доволно и достоинствен статус со 18 -19 илјади денари меѓу кои и хорот и балетот, сте се излажале дека ќе опстоиме. Ако за ова министерство е достоинствено еден виолинист кој се изградува од 5 години и мора да се изгради во еден готов продукт и да има нешто надпросечна плата и тоа е срамно. Упатуваме апел до сите политичари да застанат зад нас и да престанат сите вакви тортури и подготвувања на закони во една канцеларија, вели Виктор Илиески – претседател на Синдикатот на културата.
Дел од проблемите кои се таложат за уметниците се и измените во Законот за култура, според кој на секои 5 години се врши реаудиција, уметниците се бодуваат како администрација, а се бараат и обуки од вработените за чии трошоци самите треба да се погрижат.
-Со новите измени на Законот за култура донесени по брза постапка, нашите колеги од театарот треба да имаат сертификат за англиски јазик, а некој од нив и курс по информатика. Никаде во Законот не е наведено кој ќе ги покрие средствата за тие курсеви, а претпоставувам дека луѓето тоа ќе треба да го платат од своите мизерни плати. Во Законот се вметнати и критериуми за бодување кои се неприменливи. Јас ги повикувам сите колеги уметници да застанат против овој Закон, кога ќе се среди оваа политичка криза да побараме формирање на нов Закон, со јавна дебата, каде ние уметниците ќе бидеме дел од креирањето, рече Сања Арсовска – претседател на Синдикална организацијата на Драмски Театар.
Уметниците ги отфрлија обвинувањата дека нивниот протест има политичка позадина и потсетија дека протестирале и кога на власт била друга структура. Поддршка добија и од пензионираните колеги, кои пак сметаат дека власта воопшто не е едуцирана за да управува во оваа област.
-Од власта 80 отсто не се писмени за култура. Ова можеби е слободна изјава, но ретко кој од нив доаѓа на опера и филхармонија. Сакаат да направат сала, таму кај што се гледаат седиштата и завесите, а уметниците седат на столици од бивша Југославија, коелктивен договор неизгласан, одат на концерти надвор од Скопје, а дневниците доцнат. Срамота е, вели пензионирана уметница.
Денешниот протест не доби поддршка од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кој писмено реагираше дека е единствен репрезентативен синдикат во дејноста култура. Според СОНК, протестот неизбежно се врзува за политичките состојби во државата.
Од Министерството за култура исто така протестот го поврзуваат со политичките случувања во земјата и напоменуваат дека досега реализирани се нови 1700 вработувања во културата, воведени се национални пензии, а има зголемување на индивидуалните проекти и низа стимулативни мерки во културата.
Цениме дека во ова време кога Република Македонија се соочува со политичка криза, културата и културните работници треба да останат имуни на политичките влијанија и поделби. Министерството за култура работи и ќе продолжи со своите активности за подобрување на положбата и стандардот на културните работници. Во моментот постои техничка влада чија задача е спроведување на избори, со лимитирани овластувања и капацитети во другите полиња и области. По завршување на изборниот процес, Министерството за култура ќе продолжи со своите активности за подобрување на стандардот и положбата на културните работници, како и досега преку дијалог и активно партнерство со репрезентативните субјекти и претставници од културната сфера, се вели во реакцијата на ресорното министерство.