Јуда, безрбетници, предавници и слепци – со овие зборови и на висок тон пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Крсто Јовановски му се обрати на премиерот Заев, а во врска со Договорот со Грција. Јовановски, на седницата за поставување на пратенички прашања, исто така рече дека Владата „го продала името за материјална корист и власт“.
Одговор доби од премиерот Заев кој му рече дека нема морално право да навредува.„Вие со сите ваши аморални аспекти се дрзнавте да користите безобразни дрски зборови и недозволива навредливост во парламентот. Во Струмица од мене земавте пари. Треба да ми бидеш благодарен. Спиеше по коцкарници, одеше на и на други места и беше срам за Струмица. Вие се повикувате на патриотизам. Вие што ја опљачкавте Македонија со 5 милијарди евра – му рече Заев на Јовановски, а на пратениците од ВМРО ДПМНЕ им порача наместо да шират омраза да кажат „дали се за ЕУ и НАТО и зошто не ја внела Македонија во овие институции без решен спор за името“.
Поради недоличниот говор на Јовановски, од СДСМ најавија дека ќе покренат постапка за пратеникот согласно новиот усвоен Етички кодекс со кој пратениците се обврзаа дека во своите настапи нема да го навредуваат политичкиот противник.