И по четири часа од пристигнување во Кривичниот суд, сè уште не е донесена одлука за генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири по обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување. Рочиштето заврши пред малку, иако Зекири влезе во објектот нешто по 17 часот во придружба на својот адвокат. Самиот се појави за распит, иако имаше и наредба за негово полициско спроведување.

Додека е во зградата на Кривичниот суд, се појави само неговата сопруга која му донесе пасошот, но и храна и вода поради неизвесноста колку долго ќе се задржи во објектот.

Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири на Фејсбук поднесе оставка, откако Обвинителството денeска отвори истрага против него и против уште двајца поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба во јавна набавка спроведена незаконски.

„Без разлика на позицијата и функцијата, пред законите сите сме еднакви. За вакви случаи, кои ги водат независни институции како што е Обвинителство, треба да се произнесат правосудните органи. Тие имаат обврска да постапуваат по закон и во една транспарентна постапка да се докаже дали имало некакви злоупотреби, дали и кој треба да понесе одговорнос“, истакна Зекири.

„Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Истрагата се водеше од Министерството за внатрешни работи, а Обвинителството го доби случајот во втора половина на 2021 година, изјави за Слободен печат обвинителката Вилма Русковска за истрагата против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани.