Министерот за одбрана на Србија, Небојша Стефановиќ, денеска изјави дека во следните две недели ресорното министерство ќе му предложи на претседателот Александар Вучиќ модели за задолжителен воен рок, по што ќе следи подолга јавна расправа по која ќе се донесе одлука дали ќе биде задолжителна воената служба.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Стефановиќ рече дека темата за задолжителен воен рок веќе извесно време се разговара со експерти – како во Министерството за одбрана и во армијата, така и со оние кои се заинтересирани да се вклучат во тој процес.

„Сакаме кога ќе му дадеме предлог на претседателот Вучиќ и кога ќе предложиме модел што го сметаме за најцелисходен, тоа да биде нешто што ќе одговара на Србија и нејзината одбрана, но и млади луѓе кои ќе дојдат воен рок“, изјави Стефановиќ за телевизијата Еуроњуз.

Стефановиќ додаде дека новото покренување на расправата за воениот рок не треба да се поврзува со настаните кои се „моментално актуелни“, јави Бета.