Парламентарното мнозинство од трите коалиции предводени од Демократскиот фронт, Демократите и Граѓанското движење на Ура, на 2 септември потпишаа политички договор со кој се обврзаа да формираат нова влада на Црна Гора во следните петнаесет дена, објави РСЕ-Балкан.

Водачот на Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ, објави дека мнозинството кое победи на изборите на 30 август 2020 година е повторно заедно. За ДФ е познато дека е проруска политичка структура во Црна Гора, блиска и до српскиот претседател Вучиќ.

Претходната влада на Црна Гора ја предводеше Дритан Абазовиќ само стотина дена. На 20 август годинава, по изгласаната недоверба во парламентот, владата на Абазовиќ падна.

Обновеното коалициско партнерство во црногорскиот парламент, предводено од ДФ денеска потпиша и политичкиот договор за целите, меѓу кои се наведува дека ќе се изврши „демонтажа на поранешниот режим на Демократската партија на социјалистите“. Меѓу другото, документот ја потврдува посветеноста кон евроинтеграцијата, иако е познато дека ДФ има изразито проруска ориентација. Посебно интересна е политичката цел „ставање мораториум на сите идентитетски прашања кои го делат општеството“.