Денеска до 13 часот Врховен суд треба да ја објави одлуката по трите жалби на екс функционерите во УБК Горан Грујевски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски.
Претседателот на судот Јово Вангеловски вчера изјави дека закажаната седница била одложена поради „процесни грешки во материјалите за притворите.
Единствена точка на седницата се жалбите на обвинетите на преиначената одлука на Апелација. Од Специјалното обвинителство очекуваат Врховен да ја потврди одлуката за протвор за тројцата поранешни функционери од УБК додека почне судската постапка, за да се спречи влијание врз сведоци или можно бегство.
Грујевски, Јакимовски и Бошковски се обвинети во предметите „Тврдина“ и „Таргет“ кои беа споени, и се товарат за прислушување и уништување на доказите за прислушувањето.
Иако Апелација уште пред една недела одлучи да бидат спроведени во притвор, тие се уште се на слобода. Врховен суд има рок од 48 часа да донесе одлука. Рокот истекува денеска.