Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа најави дека од следниот месец почнува нова фаза во дијалогот со Приштина, на повеќе нивоа, кој како што рече ќе биде инклузивен и толерантен.
На вонредна прес-конференција во Белград, Вучиќ најави дека ќе биде објавен извештај во кој ќе бидат презентирани резултатите од разговорите во изминативе три години, кои како што рече биле мачни и тешки, како и сите потези што ги презела Србија во врска со косовското прашање од 1998 година.
– Дали некој од вас смета дека некогаш ми било убаво кога ќе седнам со Тачи, Могерини, Кетрин Ештон? Не се сеќавам на ниту еден убав момент. Веќе имам Павлов рефлекс. Секогаш чувствувам мачнина кога ќе ме повикаат од Брисел, бидејќи знам дека ништо убаво нема да се случи, додаде Вучиќ.
Тој нагласи дека ја поддржува одлуката на Српската листа да влезе во новата косовска Влада, но дека Србија не го менува своето мислење за косовскиот премиер Рамуш Харадинај.