Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Собранието на Србија положи заклетва за нов претседателски мандат и порача дека очекува формирање на нова Влада до крајот на јули.
Тој додаде дека косултациите со политичките партии ќе почнат штом ќе завршат формалните процедури во Собранието.
– Моите приоритети во работата ќе бидат мир, стабилност, независност во одлучувањето, слобода на Србија, безбедност, здравје, Европа, работа, рече српскиот претседател.
Неколку стотици граѓани се собраа пред Собранието за да ја проследат церемонијата преку видео бим.
– Мораме да се занимаваме со новите санкции и случувања во кои можно е повторно да бидеме оштетени, па ќе треба да молиме за помош кај нашите европски партнери, изјави Вучиќ по положувањето на заклетвата за нов претседателски мандат.
Вучиќ рече дека е горд на Србија која се однесува во согласност со принципите на меѓународното јавно право и се гордее со фактот што во Србија, како што наведе, нема русофобија или антизападно однесување.
Кога спомена дека СР Југославија беше нападната без одлука на Советот за безбедност на ОН во 1999 година, пратениците почнаа да аплаудираат.