Уште од првите звуци на македонското дело на авторите и брачна двојка- маестрата Дијана Илкоска-Имери и пијанистот Дино Имери, знаевме дека сме дел од музичка историја и уникатен, емотивен концерт – спој на шпанскиот и македонскиот фолклор.
Скопје, синоќа, во фоајето на НОБ, пред уважени гости, амбасадори и претседателката Гордана Силјановска-Давкова ја слушна светската премиера на концертот во три става „Дон Кихот во Скопје“, за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, напишан годинава од двајцата врвни автори и брачна двојка- маестрата Дијана Илкоска-Имери и пијанистот Дино Имери. Вечерта беше специјална – се славеше националниот ден на Шпанија. Гостите, движејќи се низ фоајето, со чаша пијалок, пред концертот, можеа да уживаат во амбиентот инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес.