Е, па на здравје нека ни се новите електронски здравствени картички! Со здравје да се служиме со нив! По втор пат ни ги менуваат, а уште не сме ги употребиле ни старите.  Не функционираат! Но, ете им истекол рокот на траење. Зарем пластиката има рок на траење? Нема, ама направија да има. Како ќе ни земат пари поинаку? Еве, начин. За здравје не се жалат пари, нели?

Први на отстрел беа вработените во здравството и институциите поврзани со него. Тие први добија електронски картички пред пет години и први им ги менуваат. И така деновиве на 46 000 вработени им беа задржани по 250 денари од јунската плата. И не само за нив, по 250 денари им скратиле и за членовите на семејствата кои се здравствено осигурани преку нив. Прво парите па после картичките.

Парите им биле земени со траен налог за кој луѓето ниту биле известени ниту го потпишале. Незаконски! Како ли само научија да извлечат пари од народот? Над 200 000 евра нови свежи пари ќе се слеат во здравствената каса само од овие осигуреници. Ќе дојдат на ред и пензионерите и невработените и социјалните случаи. Од нив ли треба да се земе? Па, на нив треба да им се даде! По една година на истиот начин ќе се земат пари и од јавната администрација, па потоа на ред се приватните фирми. Тоа се околу осум милиони евра пари на граѓаните кои се слеваат во здравствената каса. Ова е вторпат како ни ги земаат, еднаш веќе инкасираа осум милиони евра од првите електронски здравствени картички. И така секои пет години. За парче пластика кое не вреди повеќе од 10-20 денари ние плаќаме 15 до 25 пати повисока цена! Е, па ако ни е. За танго треба двајца, а ние очигледно сакаме да не вртат.

Не беше така планиран проектот за електронска здравствена картица кој за волја на вистината датира од многу поодамна, уште пред да дојде оваа власт. Ние новинарите имаме малку поголемо памтење.  Пишувавме доста за тоа. Многу министри го подготвуваа теренот, ама Тодоров го реализира. Тој виде златен рудник во ова.  Првично овие картички требаше да бидат бесплатни, а за проектот имаше обезбедено 7, 5 милиони евра.  Но, министерот Тодоров одлучи дека граѓаните треба да плаќаат. Ни помалку ни повеќе, по 250 денари. Осум милиони евра на секои пет години. Браво, така треба кон сопствениот народ! Воопшто да не се буните, за здравје не се штеди! И што е најтрагично на крајот не знаеме каде отидоа тие 7,5 милиони евра кои беа обезбеди преку заем за оваа намена.

Тоа што картичките не функционираат е друга приказна. Според првичниот проект  беше планирано да содржат цело медицинско досие на пациентот, со што здравствените книшки требаше да останат во историјата. Дотуркаа до таму што сега содржат само основни податоци,име и презиме и дали пациентот  има здравствено осигурување. На шалтерите во болниците воопшто не ги бараат, функционираат старите здравствени книшки. А,на хрватската фирма која ги изработуваше електронските здравствени картички, Министерството за здравство редовно им доцнеше со плаќање на ратите. Затоа и доцнеа со изработката, беа револтирани. Пари од сите страни, а тие доцнат со исплаќање на ратите. Каква мизерија!

Ова е еден тотално неуспешен реформски зафат во здравството.  А, ние се тепаме да уплатиме за картичките да не ги снема, да не се потрошат. А, за што ни се? Да се залажуваме дека сме први во светот со овој изум? Па не ни е првпат,  уште сме први во Европа по смртност на новороденчиња.

Туку, што се случува со вработувањата на лекарите специјализанти? Во време на економска и политичка криза ВМРО ДПМНЕ  одеднаш ветува над 350 нови вработувања во здравството, лекари и медицински сестри. Над 230 лекари специјализанти треба да се вработат во три конкурси. Ситуацијата е следна:  Од првиот извисија 28 специјализанти бидејќи директорите Албанци не сакаат да ги потпишат решенијата и да ги примат. Некои од нив викаат дека не се според Рамковниот договор, други дека нема пари за нивните вработувања. Вториот конкурс  опфаќа 90 завршени студенти на медицина кои ќе бидат вработени веднаш со стартот на специјализацијата. Нивните решенија ги потпиша министерот во петокот.  Предност е дадена на Штипскиот Универзитет. Зошто? Може да погодувате. Дали и за нив нема да потпишат директорите Албанци ќе видиме во деновите кои се пред нас.

Мене тука ми мириса нешто работата. Се скараа ли ВМРО ДПМНЕ и ДУИ или глумат двата коалициони партнери?

ВМРО ДПМНЕ ги вработува, ДУИ не дозволува да бидат примени. Не биле со реципроцитет. Нема логика, ако нема пријавено кандидати Албанци. Или пак се избирани тие специјалности каде што нема албански кандидати. Рака на срце се можно, Министерството го правело изборот.  Мене лично ова ми асоцира на верзијата  дека Ердоган сам го режирал државниот удар. Дали, можеби коалиционите партнери режираат нешто? По принципот -ние ќе ги примиме и ќе добиеме политички поени, ама вие ќе кочите со образложение дека не се почитува Рамковниот договор. Така  и вие ќе добиете  политички поени кај вашето гласачко тело. Можеби малку налудничаво, ама има логика. Пари се во прашање и над 230 вработувања. Болниците немаат пари да обезбедат плати, Министерство за финансии пак, воопшто. За танго се потребни двајца! А, тие танцуваат иако во јавноста изгледа дека се караат. Дај боже да не сум во право!

Министерството за здравство пак, воопшто не го правело изборот на лекари според потребите на болниците, ниту ги прашале директорите какви специјалисти им се потребни. Им ги пратиле и тие се чудат што да прават со нив. А, има болници во државата каде нема ни за лек доктори од одредени специјалистички гранки. И покрај конкурсот тие  пак ќе останат без специјалисти. Тоа само по себе говори дека Министерството за здравство длабоко замешало прсти во изборот. А, немаат никаков план и стратегија.  Ако ги делат студентите според Универзитети и ако Министерството одлучува каде ќе се вработуваат специјализантите отидоа во вода политичките поени. И така е се отидено во вода