СДСМ и Коалицијата вечерва на три митинзи – во Куманово, Арачиново и во Велес. Тие го претставија караванот „Најдоброто за мојата општина“ на последниот ден од кампањата за локалните избори закажани за в недела. Централниот митинг на СДСМ беше во Куманово.
На овој плоштад ќе грми и ќе ечи кога ќе ја славиме победата во недела во бастионот на СДСМ, истакна претседателот на партијата Зоран Заев на партиската трибина во Куманово. Тој кажа дека Куманово е град на социјалдемократијата и повика да се поддржи кандидатот Оливер Илиевски.
– Куманово и кумановци и овојпат ќе бидат на страната кои го нудат најдоброто. Наредните четири години се многу важни за развојот на нашата земја. Оливере, учи се од грешките на претходникот. Колку и да е независен противкандидатот тој зависи од Куманово, а граѓаните овде биле и ќе бидат СДСМ. Тој треба да знае дека социјалдемократите овде имаат само еден кандидат, а тоа е Оливер Илиевски. Максо, добар е СДСМ кога Владата истураше стотици милиони за Куманово, кога ја раздолжуваше општината и кога ја внесуваше земјата во НАТО, добар е СДСМ кога ти даваше поддршка за советник, пратеник и градоначалник, а на првата кривина не чинел СДСМ. Во првиот момент на неизвесност Максо ја здипли опашката и фати спринтот. Максо ќе биде максимално поразен во Куманово, кажа Заев.
Имавме визија да градиме соживот и еднаква грижа за секој граѓанин на државата не ги делиме граѓаните по ниту една основа, а Куманово е пример каде се гради едно општество за сите, по 20 години повторно со храброст и визија спроведовме успешен попис, веќе никој не прашува колку сме, затоа што ова е држава на заеднички можности за сите националности, рече потпретседателот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски на трибината „Најдоброто за нашата општина“ во Куманово.
– Сега уште подобро ќе креираме политиките, за животниот стандард на граѓаните да биде подобар, една од тие инвестиции е и онаа од 500 милиони евра за ветерници кои ќе произведуваат струја,која ќе се гради почнувајќи од Куманово. Успеавме да реализираме над 7000 проекти, не седиме и не се жалиме, ги решаваме проблемите на граѓаните, никој нема право да кочи и блокира, развојот носи и подобар живот, Не ни требаат демагози и калкуланти за градоначалници кои работат да го зголемата личниот рејтинг наместо да се борат за граѓаните, туку некој кој ќе се бори за секој граѓанин и затоа на 17 октомври ја имате најелесната задача, да гласате за бројот 12, рече Спасовски, кој потсети дека во Куманово е изграден ургентен центар, патишта, канализации и покрај наследените долгови.
Со 120 милиони евра инвестиции од Владата имаме безбедна средина, современа инфраструктура и многу нови можности како што немало досега, рече кандидатот за градоначалник на Општина Куманово Оливер Илиевски на вечерашниот завршен настан на карванот „Најдоброто за мојата општина“.
– Да вложуваме во Куманово со политики кои од Куманово ќе направат метропола. Голем град сме, со значајна географска местоположба – дајте ја поддршката за Најдоброто, затоа што – Го заслужуваме! Куманово е и Македонија во мало и токму тој мултиетнички соживот е нашата движечка сила напред. Убеден сум дека само нашиот социјалдемократски концепт Едно општество за сите е предуслов за просперитет. Ќе вложуваме во детски градинки, детски катчиња, мултифункционални игралишта. Да ја изградиме најдобрата инфраструктура. Гасификација за секое домаќинство и индустриска зона. Крај на прашањето за чисти реки и чиста животна средина, за канализациски и водоводни мрежи во руралните средини, работи за кои е срамно да се зборува во 21 век. Ќе го изградиме и најдобриот најмодерниот, европски плоштад, со градско шеталиште, подземни сообраќајници и подземно паркиралиште, проект кој многумина од вас сакаат да го видат во живо. Со инвестиции ќе се борам за младите да ни останат тука, ветува Илиевски.
Носителката на советничката листа на СДСМ и Коалицијата за Општина Куманово, Атина Мургашанска рече дека кумановци се непоколебливи, единствени, а во недела повторно ќе испишат уште една голема победа за СДСМ и Коалицијата.
– Наша водилка била е и ќе биде, она што граѓаните го бараат од нас, како да го изградиме Куманово, каде да насадиме повеќе дрвја, кои улици да ги подобриме, како да го унапредиме животот на граѓаните затоа во недела ќе го направите најдобриот избор, ќе го заокружиме бројот 12, за советничката листа, за градоначалникот Оливер Илиевски, повика Мургашанска.
Миликије Халими, актуелната градоначалничка и кандидатка за уште еден мандат во општина Арачиново на денешната граѓанска трибина „Најдоброто за нашата општина“ истакна дека и во време на пандемија сработила повеќе од сите мажи во претходните 20 години, и дека го заслужува гласот на арачиновци.
– Работевме напорно, иако бевме во пандемија! Вие сте сведоци како беше Арачиново пред 4 години, и како е сега! Споредбата е како ден и ноќ! Другите пред нас, ја злоупотребувале локалната власт. Што направивме НИЕ? Ја отстранивме дивната депонија од Арачиново, ја завршивме примарната канализација, вредна над 98 милиони евра, ја изградивме општинската зграда, најмодерното што може да биде, асфалтиравме многу улици, рече Миликије Халими.
Заменик – претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска беше во Кратово, од каде го промовираше кандидатот за градоначалник на оваа партија за Кратово, Влатко Бојковски, како и советничката листа предводена од Радослава Костадинова.
– Кратово ја има шансата да се развива брзо со нов градски пазар, нов градски парк, простори за паркирање, изградба и реконструкција на патна и на комунална инфраструктура, Кратово, еден од најстарите градови на Балканот, има потенцијал да биде атрактивна туристичка дестинација, имаме плн за развој, можеме заедно да реализираме значајни проекти, немојте да дозволите да не кочат и да не блокираат. Времето на режимот е минато, денес со СДСМ ја живееме слободата и градиме просперитетна иднина, направивме големи промени, работиме за подобар живот во секое населено место, за уште повисоки плати и пензии, за шанса за младите да останат дома, сега е време заедно да го направиме најдоброто за државата и за сите нас. Социјалдемократскиот сојуз пред четири години го направи изборот за слобода, за демократија, за достоинствен живот за сите. Во недела вие го имате главниот збор, гласајте за Најдоброто, одберете 12, ја имате нашата гаранција, нашиот избор сте вие, граѓаните, порача Лукаревска.
СДСМ брои ситно до седмата по ред победа над деструктивното и блокаторско ВМРО-ДПМНЕ. Во недела, на 17 октомври СДСМ ќе слави низ цела држава изјави потпретседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој беше на средба со граѓаните на Прилеп.
– Прилепчани знаат што е најдоброто за Прилеп и во недела својот глас ќе го дадат за другарот Горан Сугаревски и советничката листа на СДСМ. На само два дена сме од денот кога ќе се потврди доминацијата и ќе се признаат досегашна работа и успесите на СДСМ. Во недела уште еднаш ќе покажеме и докажеме дека сме достојни на довербата на граѓаните, дека сме најдобар избор, најпрогресивна и најмодерна политичка сила. За општини функционални и успешни како централната власт, во недела ќе го заокружиме бројот 12. За сигурна иднина која заедно ќе ја создаваме и живееме, за иднина во наши раце. Во недела без двоумење да го поддржиме најдоброто за нас, за општините, за државата, рече Филипче.
Во Прилеп беше и потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска. И таа одржа среби со прилепчани, пред кои го промовираше кандидатот за градоначалник на СДСМ за Прилеп, Горан Сугарески.
– Нема подобра опција од тоа бројот 12 да е вашиот избор во недела. Гласајќи за Горан Сугарески и советничката листа на СДСМ и коалицијата, избирате слобода, демократија и просперитет. Во Општина Прилеп и нејзините населени места завршени се, или се во тек реконструкции, изградби и санации на речиси сите училишни објекти. Завршена е санацијата на електрична инсталација во ОУ „Блаже Конески“,реновирање на санитарни јазли во СОУ „Орде Чопела“. Во тек е реконструкција на СОУ ,,Мирче Ацев’’ и уште многу други инвестиции во детски градинки. При крај е изградба и на нова спортска сала, а во план е и реконструкција на студенсткиот дом во Прилеп, рече Царовска.