По самитот на НАТО сите политички партии ќе имаат средба во Собранието за да ги утврдиме елементите на референдумот, деталите за прашањето што ќе се постави на референдумот и за карактеристиката на референдумот, вели премиерот Зоран Заев во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА за време на самитот ЕУ Западен Балкан во Лондон.
Заев изразува надеж дека референдумот ќе биде успешен и ги повторува и можните датуми – 23 септември, 30 септември или 7 октомври, за „да има доволно време за да се финализираат сите процеси до крајот на годината“.
– Референдумот, знаеме дека ќе се заврши успешно и се надеваме дека сите ќе бидат мотивирани да придонесат во референдумскиот процес да има најголем успех, бидејќи е многу важен за нашата земја, вели Заев.
Во однос на уставните промени Заев објасни дека се потребни од 90 до 110 дена, и го споменува 15 јануари. Потоа, доколку процесот успешно заврши од македонска страна, „останува грчкиот Парламент да гласа за ратификација на договорот и да го ратификува протоколот за наше членство во НАТО“.