Попусто ќе биде ако ние го заокружиме процесот на уставни измени, а ја уништиме правната држава. Тогаш ќе добиеме негативна оценка од земји членки на ЕУ, кои будно ги следат процесите кај нас, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле.

Кои се гаранциите дека и во последната фаза од процесот за уставни измени ќе има двотретинско мнозинство, ако осумте пратеници нивниот глас постојано го ставаат во корелација со изречените притвори? Дали тој процес ќе биде заложник на работите што се во надлежност на судството?

-Апсолутно не. Се надевам дека едниот процес нема да влијае на другите процеси, вклучително и на правосудните. Ние сме мала земја и јасно ми е дека сѐ има влијание едно на друго. Попусто ќе биде, ако ние го заокружиме процесот на уставни измени, а ја уништиме правната држава. Тогаш ќе добиеме негативна оценка од земји членки на ЕУ, кои будно ги следат процесите кај нас. Треба да ги водиме процесите така како што е исправно, со цел Македонија да стане правна држава, со независни медиуми, со професионална администрација, со средени безбедносни служби кои нема да прават лупинзи какви што ни се случија во минатите години, за да се нормализира државата. Значи, ако сум невин, да знам дека ќе добијам правда. Ако се обратам до администрацијата, да знам дека сервисот функционира. Ако има закани, да знам дека безбедносните служби си ја вршат својата работа.

Ако тврдите дека нема да има никаква „трампа“ со влијание врз тековните судски мерки и процеси, јавноста очекува јасен одговор: имал ли поранешниот директор на УБК придонес во обезбедувањето 2/3 мнозинство?

-Слушав и јас за ставовите на Мијалков дека тој бил „про“, дека разговарал со пратениците, па дури и дека некои биле со него кога бил приведен. Не знам дали Мијалков, или некој друг, обезбедил гласови. Дали имал некакво влијание и какво, ќе видиме на крајот од процесот, во јануари. Знам само дека јас разговарав со пратениците и продолжувам да разговарам. Јас со нив не разговарав ни за Сашо Мијалков, ни за Никола Груевски. Тие се пратеници, независни личности со кои разговарав врз основа на аргументи, за да помогнат со својот глас, и да кажат што им е е важно за да се вградат во тој процес. Тие испорачаа барања и јас ги прифатив: дополнување на амандманите и формирање на телото за помирување. Низ разговор за политички процес кој нема да влијае врз правосудниот процес и нема да ја помине црвената линија за одговорноста, најдовме заеднички јазик кој ќе нѐ води кон помирување. И знам дека тие луѓе веруваат во овој процес. Знам дека и многу други веруваат, бидејќи разговарав и со многу други, но немаа досега храброст да се прекршат. За жал, еден дел од опозицијата е толку ригиден, што знае за одговорноста, но од пусти политички калкулации никако не се прекршува. Но јас ќе продолжам да разговарам. Во конечноста на амандманите сите ќе видат колку сме инклузивни, токму заради сугестиите кои дојдоа на конструктивен начин од претставници на самата опозиција.

Може ли таа конструктивност да е само дел од сценарио, во кое на крајот никој од нив нема да крене рака за уставните измени? Што е гаранција дека независните пратеници ќе гласаат во последната фаза?

-Гаранција е вграденоста на нивните сугестии во амандманите. Процесот е жив, динамичен, се дебатира. Ќе има голема јавната дебата, за на крајот да имаме аргументирана основа за која поддршка ќе дадат 80 и плус пратеници.

Планирате ли да се повлечете од раководење на Советот за реформи во правосудството?

-Во моментот кога го формиравме, имаше откажување од учеството во него од страна на некои експерти, во делот на реформите за кои дебатиравме. Се вклучив, бидејќи сакавме да го подигнеме нивото, да покажеме посветеност кон реформите.

Дури и да е тоа со најдобра намера, едно е да покажете волја и посветеност кон реформите, но многу поважно да не згазите на линијата на разграничување помеѓу судската и извршната власт, односно Вашето раководење со тој Совет да не создаде дилеми дека се креираат одредени процеси од кои власта би имала полза. 

-Не сум јас правосуден систем во Македонија. Не сум јас тој што ќе одлучува за таа сфера. Ако сугерирате дека тоа може да предизвика такви перцепции, јас немам проблем – ќе се откажам! Еве, ја прифаќам таа одговорност и во ова интервју јавно соопштувам дека ќе си поднесам оставка од таа позиција во Советот за реформи во правосудството. Но, какви ќе бидат процесите потоа во Совотет, бидејќи се работи за законски решенија кои некој треба да ги води, да ги менаџира во дијалог со опозицијата, и да обезбеди двотретинско мнозинство. Еве, нека биде одговорноста за тоа заедничка – моја, но и Ваша, со ова интервју. Јас го дадов зборот, бидејќи го поставивте прашањето. Тоа е одговорен однос на политичар пред јавноста.

Како опозиционер поминавте тежок и трнлив пат до власта од 2015 година до денес. По клучните надворешнополитички успеси, зошто денес дозволувате тој политички капитал да го трошат функционери кои не се посветени доволно на обрските или не разбираат дека ароганцијата е најлош начин за комуникација со граѓаните?

-Се сметам за добар, но и за строг тогаш кога треба да бидам строг. Се случува мои пријатели од „шарената револуција“, луѓе кои се надвор од партиите и партискиот живот, да бидат сериозни критичари кон мене и мојата Влада. Разликата е во тоа што тие ја имаат слободата за критика за некои прашања, а јас ја имам одговорноста за комплексноста на сите процеси во државата. Да, секој што ќе направи грешка која е за оставка или има одговорност за разрешување – ќе ја сноси таа одговорност. Разговараме за тоа во Владата. Го разбирам Вашето прашање во насока дека нас „нѐ јаде и нѐ троши“ непреземањето на одредени чекори, веднаш, сега… Имам причини зошто давам толерантни периоди. Знам дека има мислења дека тоа директно ми штети како премиер. Верувам дека со луѓето треба човечки да се работи. Притоа знам и пред какви сериозни процеси и обврски се наоѓаме во овој момент. Така што, не е толку едноставно.

Има ли ризици за нашето членството во НАТО и покрај успешно завршени обврски од Договорот од Преспа, и во Македонија и во Грција. Какви се гаранциите дека не е можна блокада на нашето членство од некоја друга земја-членка на НАТО, преку нератификување во нечиј парламент?

-Не гледам таква околност за опструкција. Гледам потреба да ги завршиме обврските дома, гледам да потреба да го забрзаме процесот на наше безбедносно подготвување, за кое се одвива скрининг-процесот. Премиерот Пленковиќ рече дека сака неговата земја Хрватска да биде меѓу првите што ќе го ратификува договорот. Самитот на ЦЕИ го искористивме и за таква поддршка. На тој пат имаме поддршка од сите, не гледам причина за стравување.

Се слушате ли со Вашиот грчки колега Алексис Ципрас?

-Последниве две недели не, инаку редовно се слушаме. Многу често разговараме за градење агенди, за тоа како да им ги покажеме на граѓаните придобивките од Договорот од Преспа. Дел од разговорите се однесуваат како да се приклучиме на онаа иницијатива во која учествуваат Бугарија, Србија, Грција и Романија, бидејќи и ние сме дел од тој коридор. Имаше една иницијатива за која би сакале да разговараме на првата следна средба, за железничко поврзување од пристаништата во Солун и Пиреа, значи од Грција преку Македонија, Србија, па до Западна Европа. Тоа се многу важни теми, бидејќи знаеме како се движи таканаречниот „пат на свилата“, економските интереси, влијанието на Кина и нејзината потреба за пласман на овој пазар. Автопатиштата на Коридорот 10 се одлични, треба да го доразработиме и Коридорот 8, на кој работиме интензивно. Значи, разговараме за активности и идеи кои треба да бидат показател на придобивките од Договорот од Преспа за граѓаните на двете земји.