Направивме сѐ за да ги намалиме ризиците и да се справиме со последиците од смртоносниот вирус. Здравствените работнции ја заслужуваат најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на церемонија на доделување признанија за здравствените работници од ковид-центрите.

– Во овие моменти на оддавање признание на здравствените работници кои се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата без преседан во нашата современа историја, ние никогаш нема да ги заборавиме починатите. Нашите блиски, нашите роднини, нашите пријатели и познаници, сите наши граѓани кои починаа од последиците од вирусот. Слава им и вечен спомен на сите што во изминатите две години починаа од последици од КОВИД-19. Болна е таа загуба и како таква ќе остане засекогаш во мојата душа. Денес, кога ја затворам последната страница од моите два мандати како премиер, јавно ја изразувам мојата споделена тага и сочувство со најблиските на починатите и немам никаква илузија дека борбата со пандемијата ќе биде болдирано поглавје во мојата кариера како премиер, рече Заев.

Она што можам да го кажам од позицијата на соодветноста и сигурноста на мерките и чекорите што беа преземени на наспроти фаталната природа и непредвидливост на вирусот, посочи Заев, е дека направивме сѐ за да ги намалиме ризиците и да се справиме со последиците од смртоносниот вирус,

Тој потенцира дека заедно со министерот за здравство Венко Филипче и со останатите во тимовите, непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создавале соодветни мерки за да обезбедат сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост.

Благодарение на навремените мерки и одлуки, додаде тој, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид криза функционира без застој.

– Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници. Со помош на вашата пожртвуваност и посветеност го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани. Обезбедивме целосна посветеност на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои пандемијата ги носи со себе. Тоа го правевме истовремено со решавањето на наталожените проблеми од стагнацијата во вложувањето на столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика. Оваа Влада одлучи тоа да го промени и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита инвестиравме повеќе од 300 милијарди денари, рече Заев.

Зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството, потенцира, значи и подобро јавно здравство, тоа е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот.

– Токму затоа во овие две години во здравството издвоивме историски највисоки финансиски средства од Буџетот на кои додадовме и диполнителни стотици милиони денари за Ковид програмите наменети за имунизација и за фокусирано справување со пандемијата. Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници ги ставивме на врвот на нашите приоритети. Како континуитет на овие политики, Влада продолжува да испорачува резултати за граѓаните на својата држава. Во таа насока и во Буџетот за 2022 година здравството и здравјето на граѓаните е првиот од четирите приоритети: Да го зајакнеме финансирањето на јавното здравство со зголемени плати на вработените во јавните здравствени установи, заедно со економското заздравување со Планот за економски раст, фискалната одржливост и порастот на јавните инвестиции и поддршката на институционалните реформи и европските интеграции, рече Заев.

Посочи дека резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид мерките докажале дека инвестирале таму каде што било најпотребно – во луѓето, во опрема и во болници.

Како никогаш, нагласи Заев, досега ги зголемивме платите во јавното здравство, го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа.

– Основната плата на лекарите специјалисти се зголеми за 40 отсто, на медицинските сестри меѓу 20 отсто и 23 отсто, на општите лекари за 25 отсто, а на здравствени соработници за 15 отсто. Вашата посветеност, вашата макотрпна работа во борбата да се спаси секој човечки живот се вредни за секоја пофалба и благодарност, но и за заслужена конкретна финансиска поддршка. Инвестициите во вас, во човечкиот потенцијал во здравствениот систем, се клучни за унапредување на квалитетот на здравствените услуги за сите граѓани, но тие мора да одат заедно со капиталните инвестиции во здравствениот сектор. Токму затоа континуирано ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во изградба на нови. Одвоивме повеќе милијарди денари за капитални инвестиции во здравството затоа што мора да инвестираме во пристојни и модерни услови за лекување, рече Заев.

Потенцира дека повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа, ги создале сите предуслови пациентите да добијат достоен и модерен пристап до здравствена заштита, а вработените достоинствени услови за работа, а десеттина клиники и општи болници во државата добија најсовремена опрема за магнетна резонанца или компјутерска томографија и сега пристапот на пациентите до соодветна дијагностика, како клучен фактор за ефикасна терапија и здравствена нега значително се подобрени.

Паралелно со овие процеси, појасни, инвестиравме и во знаењето, а во екот на кризата, за првпат беше направена трансплантација на срце.

– Постигнавме многу значајни резултати во намалување на смртноста на предвремено родените бебиња. Смртноста која што во 2016 година беше 25 отсто, сега е 8,9 отсто. Верувајте ми, оваа листа може да продолжи на уште неколку страници, но јас ќе завршам тука затоа што сакам да се вратам на најважното, на вас, на здравствените работници. Во овие две години покажавте дека здравствените работници се столбот на здравствениот систем. Дополнително во ваква здравствена криза, со широк спектар на последици за општеството, вие уште покажавте како со пожртвувана работа се чува државата. Убеден сум дека граѓаните, нивното здравје и лекувањето на пациентите, остануваа во врвот на приоритетите и во наредниот период. Убеден сум дека ќе продолжат политиките за максимална здравствена заштита и нега со обезбедување на модерно здравство, истакна Заев.

Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, посочи, нека бидат прифатени како спомен за вашето пресудно и исклучително важно учество во нашата заедничка борба против КОВИД-19 и во справувањето со последиците од пандемијата.

– Тоа се признанија што Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите граѓани, на вашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со КОВИД-19 вие сте хероите. Ви благодарам од имено на целиот наш народ, додаде Заев.