Ник Кирјос се повлече од Мастерсот во Индијан Велс. Австралиецот, кој во осминафиналето го елиминира Новак Ѓоковиќ, вечерва требаше да излезе на мегддан со Роџер Федерер. Но, Швајцарецот без борба ќе оди во полуфинале. Причина за откажување на натпреварот е труење со храна на Кирјос.
„Принуден сум, за жал, да го откажам денешниот меч поради болест. Верувам дека е во прашање само труење со храна, се надевам и се молам дека не е ништо полошо. По непроспиената ноќ, сфатив дека нема што да барам против голем шампион каков е Федерер бидејќи сум во тешка состојба. Жалам поради навивачите, но на прво место ми е здравјето“, напиша Кирјос на социјалните мрежи.
Противник на Роџер Федерер во полуфиналето ќе биде подобриот од мечот меѓу Јапонецот Кеи Нишикори и Американецот Џек Сок.