Говорејќи од Киев, шефот на украинската држава зборуваше десетина минути за време на свеченото отворање на Канскиот филмски фестивал. Тој ги повика актерите на 7-та уметност да не „молчат” пред руската инвазија, јави дописникот на МИА.

Неколку минути претходно, Винсент Делерм со тенок глас пееше „Колку те сакам” и на екранот поминуваа најубавите бакнежи на седмата уметност. Организаторите на свеченото отворање на овој 75-ти Кански филмски фестивал, чиј домаќин е Вирџини Ефира, очиглдено ја совладале уметноста на транзицијата.

Претседателот Володимир Зеленски, со затвореното лице кое сега го познава целиот свет, , се појави од Киев на екранот на Големиот театар Лумиер, како што тоа го правеше во април за време на доделувањето на Греми наградите. И како што беше предвидено и побарано од Шон Пен, за време на последното издание на Оскарите. Во вторникот вечерта, поранешниот акробат кој стана воен лидер на тој начин десет минути се обидуваше да го мобилизира светот на кинематографијата собран во Кан.

Володимир Зеленски набрзо го спомна масакрот во Буча. Пеколот, вели тој, е посладок од војната. Тој потоа потсетува дека театарот во Мариупол, каде што животот го загубија неколку стотици цивили, не е толку различен од оној во кој се одржува церемонијата на отворање… Претседателот инсистираше на желбата за хаос што ја има Владимир Путин. Пред да ја повика 7-та уметност да ги поддржи неговите зборови. Така тој го цитира ликот отелотворен од Роберт Дувал во „Апокалипса сега” и неговата реплика за мирисот на напалмот во раните утрински часови, за да спомени уништување на Украина.

-Ни треба нов Чаплин кој ќе докаже дека киното не е глупаво. Омразата на крајот ќе исчезне, диктаторите ќе умрат. Ќе продолжиме да се бориме, немаме друг избор (…) Убеден сум дека диктаторот ќе загуби, порача украинскиот претседател.

Поранешниот актер направи споредба на рускиот претседател Владимир Путин и ремек-делото на Чарли Чаплин. „Дали киното ќе молчи или ќе зборува за тоа?”, на крајот се запраша тој, решен да ги интерпелира актерите во кино индустријата, по што следеше силен аплауз во салата.

Годинава во Кан ќе бидат присутни двајца украински филмаџии. Сергеј Лозница за „Природната историја на уништувањето”, за уништувањето на германските градови од страна на сојузниците за време на Втората светска војна, но и младиот Максим Наконечњи за „Баченја Метелика”, во изборот на селекцијата „Извесен поглед”. Фестивалот во последен момент го додаде во програмата ипретставувањето на Мариуполис 2, најновиот филм на литванскиот режисер Мантас Кведаровичиус, убиен на почетокот на април во Украина.

Најголемиот светски филмски фестивал, исто така, одби да ги пречека руските официјални претставници, владините власти или новинарите кои ја претставуваат официјалната руска линија. Од друга страна, ќе биде присутен гласот на несогласување: режисерот Кирил Серебреников, кој никогаш од политички причини не можел да дојде во Кан, денес ќе го отвори натпреварувачкиот дел од селекцијата со својот нов филм Жената на Чајковски, во трката за Златната палма.

На свеченото отворање, 60-годишниот актер Форест Витхакер ја доби почесната Златна палма за неговата кариера, означена со Оскар за улогата на Амин Дада, диктаторот од Уганда, во „Последниот крал на Шкотска” (2007) или со улогата на убиец во Џим Џармуш. во Ghost Dog (1999). Американскиот актер, исто така на чело на добротворна организација која се бори против сиромаштијата, од Јужен Судан до Мексико преку Сена-Сен Дени, тој е редовен гостин на Кроазетата, каде што во 1988 година доби награда за интерпретација за „Птица”, на Клинт Иствуд.

Златната палма оди „и на уметникот, на режисерот, на амбасадорот на УНЕСКО, накратко, на граѓанин на светот”, изјави Пјер Лескур, претседател на фестивалот, при доделувањето на наградата.

Видно трогнат, Винсент Линдон, претседател на жирито на ова издание на Канскиот филмски фестивал, зборуваше пред публиката со посветен говор. Тој рече дека е „трогнат, горд и презадоволен што го води ова исклучително жири”.

„Без сомнение би било логично, или во секој случај човечко, да дозволам мојата радост да пукне што вечерва сум пред вас за да претседавам со 75-тото издание на овој извонреден фестивал, најголемиот филмски фестивал во светот, за да го прославам настанот и да уживам без пречки во честа што ми е доделена. Но, дали имам право? “, се прашуваше тој бидејќи ова издание на Канскиот филмски фестивал се одржува по две години пандемија и среде војна во Украина.

Зарем не треба од оваа платформа, која извесно време ги концентрира сите погледи на светот, да ги евоцираме маките на планетата која крвари, која страда, која се гуши и која гори во рамнодушноста на силите? Веројатно да. Но, што да се каже, ако не е ново или барем корисно? (…) Дали треба да ја искористиме нашата озлогласеност, колку и да е таа скромна, за да зборуваме јасно и гласно за безгласните? Или, напротив, одбиваме јавно да го искажеме нашиот став во области каде што немаме ниту легитимитет, ниту посебна надлежност? Немам одговор”- рече тој.

Претседателот на жирито на Канскиот филмски фестивал потоа и оддаде почит на културата, „голема суштинска целина”. „Културата не е пријатен израсток или залудно украсување на општеството. Таа не е на страна. Тоа е неговиот центар и ќе биде негов остаток”, рече тој. Евоцирајќи ја историјата на Канскиот филмски фестивал, „роден од желбата да се бори против фашизмот кој ја искриви европската кинематографија”, тој потсети на улогата на фестивалот:

-Овие селекции ги задржаа филмовите чија амбиција не беше само да ги пополнат салите. Ова е функцијата на Канскиот филмски фестивал, тоа е неговата слава. Токму оваа нефлексибилна, уметничка и граѓанска линија го прави неопходно она што инаку би било непристојно: да се проектираат светли слики, надредени на одвратни сцени што стигнуваат до нас од херојската и маченичка Украина; или да ги закопаме под звукот на музиката тивките масакри што паѓаат врз Јемен или Дарфур.

Да заклучам, еднопрашање: дали можеме да направиме нешто друго освен да го користиме киното, ова оружје на огромни емоции, за да ја разбудиме совеста и да ја размрдаме рамнодушноста? Не можам да го замислам тоа, заврши тој.

Актерката Џулијан Мур официјално го прогласи отворањето на 75-от Кански филмски фестивал.