По синоќешниот земјотрес во Битола превентивно е затворена една детска градинка која работи во состав на детските градинки „Мајски цвет“, а одлуката е донесена со цел стручни лица да извршат дополнителна проверка за безбедноста на објектот, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
Формирана е и мешовита стручна комисија за утврдување и проценка на штета по синоќешниот земјотрес.
– Ги обезбедивме сите информации од Итната медицинска помош и противпожарната единица и како Кризен штаб заклучивме веднаш да се формира комисија за проценка на штетите во која ќе учествуваат и претставници од Институтот за земјотресно инженерство во Скопје. Важно е дека по синоќешниот земјотрес нема повредени лица, а за штетите во домовите на секое семејство ќе има соодветно обесштетување, посочи Коњановски.