Дали македонските граѓани посакуваат, апсолутизам, самовластие, фараони, султани…? Уживаат ли потајно во улогата на инфериорна жртва во држава со цврста команда, без право на поинакво мислење? Дали е тоа сликата на идеалниот поредок во главата на мнозинството?

Овие и ред други дилеми се отворија во јавноста по вчерашното објавување на резултатите од анкетата на Галуп Интернешнл (спроведена во земјава од Брима Галуп) кои покажаа дека претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, е практично политичка икона за поголемиот дел од македонските граѓани. Имено, 60 отсто од испитаниците се изјасниле дека имаат благонаклоно или донекаде благонаклоно мислење за Ердоган, кој е на врвот на оваа листа, а веднаш зад него (54 отсто) е германската канцеларка Ангела Меркел, која во поголемиот дел од светот е рангирана на првото место. На третото место е рускиот претседател Владимир Путин за кого 47 отсто од испитаниците во земјава имаат позитивно мислење. На четвртата позиција е американскиот претседател Доналд Трамп со 42 отсто.

Партијата на правдата и развојот на Ердоган веќе седумнаесет години е на власт во Турција. Сепак, последните локални избори претставуваа најголем политички шок во оваа земја по пропаднатиот пуч во 2016 година, бидејќи Ердоган загуби во осум од 13-те поголеми градови, вклучувајќи ги и Анкара и Истанбул, кој нему му е посебно омилен. Како градоначалник на овој мегалополис на два континента ја почнува кариерата, а и за време на пучот од црноморското одморалиште не отиде во Анкара каде му е резденцијата туку во Истанбул од каде ја црпеше својата голема сила.

Ердоган тогаш обвини дека неуспешниот преврат е „масло“ на верскиот лидер во егзил – Фетула Ѓулен, кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија. Уапси и испозатвори илјадници свои политички противници, војници, разреши еден куп судии и крајно неочекувано удри по образованието, отпуштајќи илјадници просветни работници или, пак, забранувајќи им да патуваат надвор. Отворената стигматизацијата на таканаречените ѓуленисти веројатно е причина зошто дури и во Македонија тие не се комотни јавно да говорат за актуелната ситуација во Турција. Односите со Турција секогаш биле коректни, но најјасно беше демонстрираната блискост помеѓу кабинетот на Ердоган кон поранешниот премиер, сега азилант, Никола Груевски, и посебно кон експретседателот Ѓорге Иванов, кој во една година знаеше шсет пати да оди во Турција.

Ердоган го промени и Уставот за кој аналитичарите на германскиот Маршал Фонд во Анкара напишаа:

„Предложениот систем ќе води во концентрирање на моќта во рацете на претседателот со многу малку рамнотежа. Претседателот ќе ја има сета извршна власт и власт врз законодавната и судската власт“, вели Маршал фонд.

Уставот му овозможува на Ердоган, кој е познат и по честити конфронтации со Западот, нарекувајќи го лицемерен  да се кандидира уште два пати за претседател. Таквото негово политичко портфолио не го спречува да биде најпопуларен во земјава. Сепак, професорот Ѓорѓи Спасов нагласува дека на ваквата перцепција за Ердоган не треба да се гледа драматично и таа да се поврзува единствено со неговиот стил на владеење.

„Турција долго време како земја води политика кон нашата земја што ја почитуваат граѓаните. И Албанците од Македонија и Македонците се чувствуваат сакани и почитувани кога одат во Турција. И оттука мислам дека кога во анкетите прашувате кон кој од лидерите на некои земји имате благонаклоно или неблагонаклоно мислење Ердоган кај нас избил на прво место. И анкетите во кои се прашуваше во која земја најубаво се чувствувате како туристи, граѓаните на Македонија секогаш одговараа Турција, или која земја има најпријателски однос кон Македонија. По таа логика мислам дека и Ангела Меркел, која вложи многу во нашата подршка за членство во НАТО и во ЕУ се стекна со благонаклоно мислење на граѓаните во нашата земја. Ако се има пред вид дека нејзиниот стил на владеење и стилот на владеење на Ердоган се различни тогаш станува јасно тека тоа не е поврзано со сакањето на авторитарни иили неавторитарни лидери туку со општата перцепција за односот на нивните земји кон Македонија“, вели за НОВА, Спасов.

За односот кон Путин како лидер, пак, вели дека е дефиниран од нашиот словенски и православен сентимент, и од чуството дека мала држава како Македонија во светски рамки се чувствува позаштитена ако се одржува некаква рамнотежа на силите.

„Секако во тој однос има и дел од она што би се нарекло благодараност во подршката за зачувување на името но и одушевувањето од неговата „цврста рака“ со која ја средува Русија по хаосот од транзицијата. Трамп лично изгуби од својот углед кај граѓаните и во нашата земја, како и во светот, под влијани на бројните информации за неговиот импичмент, но и заради демонстрирањето ароганција кон меѓународниот поредок и меѓународните договори, па и покажувањето каубојштина која ги плаши граѓаните во мали земји. А негативното мислење за Макрон не е резултат на било каква пропаганда против него во нашата земја, како што тврдат некои, туку најнормална реакција на граѓаните од земја на која тој со своја лична одлука ја блокираше Македонија да започне разговори за членство во ЕУ и предизвика оправдан гнев кај сите граѓани покрај сите жртви што тие ги направија во тој процес. Не беше потребно било кој да води негативна кампања против него. Тој лично си е заслужен што граѓаните во Македонија немаат добро мислење за него“, оценува Спасов.

Оваа година, студијата беше спроведена во 50 земји и опфаќа околу 2/3 од глобалната популација. Истата покажа дека луѓе од сите контитенти споделуваат заедничка надеж за поактивна Европска Унија. Германската канцеларка Ангела Меркел веќе втора година по ред води на рејтинг листата на глобалните лидери во светот. Веднаш по неа е Францускиот претседател Макрон кој беше прв на оваа листа пред три години кога беше новоизбран претседател. Всушност, овие двајца европски лидери се единствените што позитивно се оценети во ова истражување.

И Американскиот и Рускиот претседател постигнаа исти негативни перцепции како и минатата година (минус 27 и минус 17), а рејтингот на Израелскиот премиер Нетанјаху е во опаѓање. Иако не е политички лидер, папата Франсис продолжува да биде најповолно прифатен лидер во светот, граѓаните и натаму имаат позитивна оценка за меѓународните политики на Европската унија, која e единствената суперсила што се смета и за стабилизирачка сила.

Споредено со пред една година, ЕУ добива на интензитет (зголемување на нето-оценката од 14 на 22). Во меѓувреме, меѓународните политики и на САД и на Русија и понатаму се сметаат за дестабилизирачки во светот (иако тие покажуваат мало подобрување од минатата година). Кина одржува малку подобра позиција, но сепак во негативниот дел од скалата (минус 9). Конечно, мнозинството глобални граѓани не очекуваат претседателот Трамп да биде реизбран во ноември, но тука мислењето премногу варира меѓу земјите и наместо тоа да биде предвидливо, се чини дека ги рефлектира националните ставови. Анкетата беше спроведена пред крајот на процесот за „импичмент“, па сега овие ставови може и да се променети.

Претседателот на Галуп Интернешнл, Канчо Стојчев, смета дека луѓето од сите континенти имаат заедничка надеж за поактивна Европска унија, вклучена повеќе во меѓународните случувања затоа што граѓаните ја гледаат зголемената конфронтација и поделба на глобалната сцена.

„Европската „мека” моќ е попривлечна за мнозинството oд демократскиот свет, но во исто време луѓето стравуваат дека оваа моќ може да биде премногу мека за тешката меѓународна реалност во која живееме. Европа сега е можеби на најсудниот крстопат меѓу САД, Русија и Кина и нејзината судбина како независен глобален играч зависи од можноста на елитите од Стариот континент да ги реформираат и обединат граѓаните. Европа е културна татковина и за САД и за Русија; да се балансира меѓу нив, бара високо квалитетни маневрирања. Но, ако подемот на Кина продолжи заедно со американско-руската конфронтација, стабилизирачката улога на ЕУ ќе стане централна за светот. Дали ЕУ е подготвена за тоа?“, прашува Стојчев.