Пишува: Љубиша Арсиќ

Доколку некоја општина е со блокирана сметка подолго од шест месеци, како Струга, судот во таа општина, односно претседателот на судот има право да потпише решение со кое се утврдуваат минимум средства за извршување на дејноста, пари со кои се менаџираат тековните трошоци. Логично е тој минимум да биде понизок од вкупната сума приливи на општината, за да може одреден процент од парите кои се уплаќаат во општината, во текот на годината, да се користат за постепена исплата на наталожените долгови кои во моментов надминуваат пет милиони евра. Така, за одредено време општината ќе опстојува со парите пропишани во судското решение, но и ќе излезе од финансиските долгови, за да може одново да стартува од нула. Но, дали е така во случајот со општина Струга?

Претседателот на судот, Ифет Бајрамовски, во 2017-та година, врз основа на барање на општината дека се промениле условите за работа и врз вештачење дека се зголемиле функционалните трошоци, потпишал решение дека минималната сума за функционирање на општината е 50 милиони денари месечно, што е далеку од вистинските бројки во праксата. Ако овие 50 милиони се пресликаат на годишно ниво, општина Струга има дозволен лимит од над 600 милиони денари или 10 милиони евра, што е износ повисок од годишниот буџет на општината. И како доверителите на кои општината им должи  милионски суми да очекуваат дека ќе си ги наплатат долговите, кога не останува ни денар за тоа? Практично, за да се наплати некој долг, износот на годишниот буџет е неопходно да ја надмине сумата од судското решение од 10 милиони евра, за остатокот над тие 10 милиони да се искористи за подмирување на долговите на општината.

Но, во ваква ситуација тоа е невозможно. Во судот избраа да молчат на прашањето зошто е ова направено? Залудни беа настојувањата претседателот да го образложи решението.

Дозволениот лимит од три, пораснал на 10 милиони евра

Претходното судско решение, од 2012-та до  2017-та, во период кога Зијадин Села ја водел општина Струга, било на износ од 16 милиони денари, драстично помало од новото решение. Но, таквата сума, од околу 190 милиони денари или три милиони евра годишно е далеку поразумна од аспект на можноста да се исчистат некои долгови. Во тие пет години, парите кои го надминувале лимитот од три милиони евра годишно, сума определена од судот за основно функционирање на општината, се трошеле за покривање на долгови. Зијадин Села неколку пати се обидел да интервенира во судот за да му се покачи лимитот за основно функционирање, но не успевал. Но, затоа по првата интервенција на Рамиз Мерко, тој многу лесно ја зголемува сумата и тоа за три пати. Сега цифрата е недостижна, а доверителите, поголем дел и со судски пресуди за наплата, немаат начин како да си ги наплатат долговите од општина Струга.

Дали претседателот на судот Ифет Бајрамовски, во намера да му угоди на новиот градоначалник да не го боли глава од долговите, направил своевидна грешка? Привидно му помогнал на Мерко, но на долг рок и реално, ваквото судско решение ја продлабочува финансиската криза на општината и негативно влијае и на развојот на Струга и на условите за живот на граѓаните. Значи, Бајрамовски, со потегот да му остави на Мерко 10 милиони евра за работа, а при тоа да не постои начин за елиминација на општинските долгови, како да придонесува за полош живот на своите сограѓани во иднина, а во подредена положба ги става и фирмите, кои со вакво решение за минимум лимит, немаат никаква шанса да наплатат долгови од општината.

Што значи сумата од 50 милиони денари месечно? Градоначалникот може да исплати плати, да покрие тековни трошоци на општината, да ги одржува просториите и недвижностите, но, со другите пари наместо да подмирува долгови си дозволува  да  купи луксузен автомобил, да вработува нов кадар во администрацијата, да започнува големи проекти… Впрочем и Државниот завод за ревизија во последниот извештај за Струга од пред неколку седмици заклучува дека со ваквото решение Мерко презема нови обврски, инвестира во капитални проекти, дели финансиска помош на јавните претпријатија, на спортски клубови и на здруженија, наместо да ги подмирува долговите по основ на судски решенија, со што се генерираат нови камати, а со тоа општината финансиски тоне. Зошто институциите го толерираат ваквото однесување? До кога личните интереси на моќни поединци ќе бидат поважни од граѓанските?

Наместо спортски натпревари-свадби

И кога веќе некој од судската власт, кој позицијата претседател на судот ја искористил за да му излезе во пресрет на градоначалникот, а со тоа збунил илјадници граѓани кои очекуваат просперитетна и финансиски здрава општина, дали парите кои се користат за инвестиции, за капитални проекти и слично се трошат наменски? Или едноставно, дали владее законот и правната држава во Струга, за жителите да се надеваат на подобро утре преку промоција на еднаквост, реално одржливи проекти и наменско трошење на народните пари?

Низ неколку примери може лесно да се заклучи дека хаосот во Струга е тешко решлив. Испровоцирани од извештајот на Државниот завод за ревизија дека општина Струга е пред финансиски колапс и дека ниту еден градоначалник за оваа деценија не ги известил надлжените за финансиската криза во која е западната општината, иако имал таква обврска, направивме проверка на терен – што се случува со некои карактеристични објекти за кои жителите на Струга се сомневаат дека се криминални и ги објавуваат по социјалните мрежи.

Во јули 2018-та година Советот на општина Струга, предводен од ДУИ и помогнат од Алијансата на Албанците, со воздржани советници на ВМРО ДПМНЕ и против оние на СДСМ, донел одлука за донесување Програма за изградба на отворени и покриени повеќенемански спортски игралишта во Струга.

Била избрана приватна парцела, најверојатно за да склучи општината договор со сопствениците за евентуално трајно користење на просторот од кое сопствениците ќе имаат финансиски профит. Инаку, земјиштето е на атрактивна локација, на излезот од Струга кон село Калишта, во реон покрај езерото, во линија со други популарни угостителски објекти. Парцелата се граничи со државно земјиште кое излегува на брегот на езерото.  Советниците изгласале спортски терени со соблекувални, но за чудо, на парцелата за неколку месеци наместо терените бил подигнат балон во чија внатрешност се сместил ресторан за одржување свадбени веселби.

Очекувано, никој од затекнатите таму не сака да зборува со новинари, а уште помалку да открие каде е сопственикот, како поставил балон за свадби на локација предвидена од општината за спортски игралишта? Во кругот на неколкуте ресторани распоредени долж брегот наидовме на двајца работници. Не сакаа да ги именуваат моќниците кои владејат со градот, но уверливи беа дека тешко некој ќе понесе одговорност. И овие необразовани работници се свесни и знаат дека онаму каде што доминираат парите нема законски правила, а онаму каде што владее силата, граѓаните немаат храброст да реагираат. Потсетија на предупредувањето на УНЕСКО дека истекува временското ограничување за правење попис на диво изградените објекти, особено оние кои ја загрозуваат природата и езерото и се косат со правилата за урбанизација и затоа случајните соговорници запрашаа како е можно и кој дозволува наместо да се отстрануваат дивите објекти од струшките плажи, закупците или сопствениците и понатаму да поставуваат плочки, да редат бекатон коцки, да местат урбана опрема, како ништо да не се случува со статусот на Охридското езеро?

Зошто би одговарале прозваните кога и онака си тераат по свое

Градоначалникот Мерко остана недостапен за коментар и одговор кому и зошто му е дозволено да постави балон за свадби, врз основа на кои прописи, како е отворен ресторан на место на кое граѓаните очекувале спортски терени за јавно добро? Нашиот обид за некаква комуникација со општина Струга остана залуден. Никој од општината не трзна на нашите пораки. иако на сајтот на општината е наведено дека службите во рок од 24 часа одговараат на секое прашање. Но, изминаа неколку пати пати по 24 часа, а општина Струга нема намера да и објасни на јавноста за сето она што го изнесуваме во текстот, пред се како се трошат јавните пари и и како Струга ќе ги анулира долговите ако судското решение за функционирање на општината остане на 10 милиони евра?Покрај градоначалникот се обидувавме да стапиме во контакт и со една од раководителките во подрачното одделение на Министерството за земјоделство, во обид да позборуваме за ситуацијата со објектите низ плажите. Во отсуство на официјални ставови на општината во врска со нашите информации, остануваат да доминираат гласини во јавноста. Низ градот се зборува дека административката на ДУИ станала некаков сопственик на еден од објектите, иако тие се непрописно изградени и не одговараат, според користените материјали, со прописите за плажите. А дали и како можел некој да стане сопственик на јавна површина, односно што точно се случува со објектите, одговор треба да дадат надлежните во општината.

Истото се зборува и за другите објекти на истата плажа, но кој кому продавал, рентал или што и друго да се случувало, ќе мора да истражат надлежните. Своевидни неправилности околу издавањето на плажите нотирал и Државниот завод за ревизија. По истекот на договорите некои од концесионерите продолжиле да работат без договори, а во меѓувреме немало ниту едно јавно наддавање за плажите, па некои поединци искористиле прилика нелегално да се сместат во објектите, кои по се изгледа на крајот ќе мора некако да се рушат. Советници од општината пренесуваат дека многу пати инспекциите кои сакале да направат контрола во спорните објекти биле оневозможени.

Во една нејасна ситуација со концесионерите на плажите, со спорни објекти покрај езерото, со неодговорен пристап кон препораките на УНЕСКО и со нелогично судско решение кое не овозможува подмирување на долговите на општината, туку ја вовлекува во нови долгови, тешко дека може да се очекува напредна и силна општина Струга. Но, за се би требало да постои одговорност, некогаш.

Mерко добил три пати поголем буџет на блокирана сметка на Општината