Од:

Буџет: Средствата за здравство и социјални проекти ќе растат

На 15 јули, со 92 гласа „за“, без воздржани и против, Собранието ја донесе завршната сметка на буџетот за 2016 година, што практично претставува еден вид попис на парите потрошени од буџетот предвиден за претходната година.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението наведе дека вкупните приходи на буџетот се реализирани во износ од 169,3 милијарди денари, а расходите во износ од 185,4 милијарди денари, поради што буџетскиот дефицит изнесува 16,1 милијарда денари, односно 2,7 проценти од БДП.

Денес во Собранието ќе се води дебата за Предлогот за измени и дополнување на буџетот за 2017 година.

Побаравме повеќе детали на оваа тема од Министерството за финансии. На нашите прашања одговори Бранимир Јовановиќ, советник во ова министерство.

Расходите сте ги намалиле за околу 3 милијарди денари. Тоа не е многу?

Тоа е околу 1.5% од вкупните буџетски расходи, што сепак не е малку. Но, секогаш е поважно какви расходи се скратени, отколку колку расходи се скратени. Ние се трудевме да ги скратиме непродуктивните расходи, а да ги зачуваме, па дури и да ги зголемиме, продуктивните. Сметаме дека само на ваков начин може да има развој во Македонија.

Дали ќе има нови задолжувања и од каде?

Новите задолжувања се неопходни за да се враќаат постојните долгови кои достасуваат, но и за да се сервисираат буџетските потреби. Ако буџетскиот дефицит изнесува 3% од БДП, односно буџетските расходи се повисоки од буџетските приходи за 3% од БДП, тоа значи дека и задолжувањето треба да порасне за 3% од БДП. Нашиот план е да го намалиме темпото на нови задолжувања (да почнеме постепено да го намалуваме дефицитот), да се задолжуваме по што е можно пониска цена (каматната стапка да не е повисока од стапката на економски раст), и тие средства да ги користиме за продуктивни цели.

Планот за оваа година е да се задолжуваме повеќе на домашниот пазар на капитал, кој во моментов нуди значајно пониски камати од меѓународниот пазар. Сепак, не ја исклучуваме можноста за задолжување и на меѓународниот пазар, ако е тоа по поволни услови, затоа што тоа значи влез на нов капитал во економијата.

Зошто велите дека долгот не треба да паѓа? Дали тоа значи дека е подобро да сме задолжена држава? Дали треба да се штеди? Или сте и вие, како левичари, против мерките на штедење што се спроведуваат речиси низ цела Европа?

Никогаш не сме рекле дека долгот не треба да паѓа. Но, ние сме против генералното штедење, односно против инсистирањето да се штеди по секоја цена. Сметаме дека ваквите политики имаат штетно влијание по економскиот и општествениот развој, како што покажува и моменталното искуство од некои европски земји.

Сепак, според нас треба да се штеди на непродуктивните расходи, кои во нашиот државен буџет изминатите години ескалираа. Тие заштеди можат да се пренаменат за општествено корисни работи.

Кои капитални инвестиции се смалени и за кои проекти?

Смалени се капиталните инвестиции за непродуктивните проекти. Сепак, за најголем дел од овие проекти има веќе склучени договори чие непочитување може да значи поголем трошок за државата. Намалени се и капиталните инвестиции кои нема да се реализираат до крајот на годинава. Во првите шест месеци од годинава се реализирани само 32% од најавените капитални инвестиции, што значи дека практично нема ни теоретски шанси да се реализираат сите инвестиции. Сепак, и сега проектираните 23 милијарди денари за капитални расходи не се воопшто малку, доколку се реализираат во значаен обем.

Кои се скратените непродуктивни трошоци?

Скратени се трошоци поврзани со проектот Скопје 2014 (околу 800 милиони денари). Скратени се и други расходи кои ги сметавме за комодитет. Во оваа група се трошоците за коли, мебел, репрезентација, патувања и други слични трошоци. Вкупно, ставката „стоки и услуги“ е скратена за околу 2 милијарди денари, а ставката „договорни услуги“, која се смета за најнетранспарентна ставка во Буџетот, за околу 900 милиони денари.

Ја слушавме министерката за труд и социјала пред неколку дена и нејзините заложби веројатно ќе чинат многу пари. Тука е ветувањето за минимална плата (патен на ФБ ве обвинија за популизам и полнење џебови на работдавачите за минималната плата) но и други ветувања кои се скапи за државата. Дали в буџетот ќе ги има тие пари?

Во буџетот ќе има пари за сите социјални проекти кои ќе ги усвои Владата. Со околу 2% од БДП за социјална заштита, Македонија е една од европските земји кои издвојуваат најмалку за оваа намена. Затоа, логично е овие средства да растат.

Најавените програми можеби бараат финансии, но тие и имаат позитивни економски и социјални ефекти. Овие пари одат кај оние граѓани кои целиот свој приход го трошат, па затоа тие директно ќе придонесат за заживување на економијата. Тие исто така го зголемуваат и човечкиот капитал во нашата економија, со што повторно придонесуваат за повисоки стапки на економски раст.

Дали ќе се врати аранжманот со ММФ од 2005 година и што тој содржеше?

Во моментов не планираме такво нешто. Но, не треба ни да се отфрла оваа можност за некогаш во иднина. Аранжманите со ММФ имаат некоја негативна репутација кај пошироката јавност, заради нивното инсистирање на штедење од минатото. Сепак, треба да разбереме дека ММФ се промени во последните години и ја напушти онаа филозофија на „вашингтонскиот консензус“. Во последните години, ММФ повеќе зборува за нееднаквоста отколку за било што друго, што е голема позитивна промена. Исто така, при решавањето на грчката криза, ММФ беше најфлексибилниот актер од „тројката“, односно најмалку инсистираше на штедење. Оттука, доколку се појави потреба од надворешно финансирање и доколку условите за тоа не се ригидни, не ја отфрламе можноста за соработка со ММФ на ова поле.

Од ФБ дојде идејата според која странските инвеститори мораат да земат луѓе од јавната администрација за да добијат субвенции од државата. Дали оваа идеја е добра според вас?

Ги следиме повеќето интернет иницијативи и дел од нив навистина носат интересни идеи. Конкретно во овој случај како министерство не можеме да дадеме мислење или став затоа што политиките околу јавната администрација не се во наша надлежност.

На Фејсбук ве нападнаа затоа што не сакате да ги скратите апанажите за бившите функционери и аргумент дека сегашната власт сака да остане апанажата за денот кога тие ќе бидат екс функционери. Дали станува збор за голема сума пари кога зборуваме за апанажите и зошто не ги кратите?

Апанажите се предвидени со закон и ние мораме да ги исплаќаме, зашто ако не ги исплаќаме, ќе го кршиме законот. Дополнително, дури и да се смени некако законот, апанажите на поранешните функционери ќе останат, зашто еднаш стекнатото право не се укинува. Оттука, ние по ова прашање не можеме многу.

Ќе има ли пари за неопходните реформи во здравството?

Ќе има пари за сите реформи кои Владата ќе ги усвои. Здравството сигурно е една од областите во која се потребни најголеми реформи и ние сме целосно решени да ги поддржиме тие реформи. Дури и во моменталниот ребаланс ги зголемивме средствата за здравство, што многу добро ја покажува оваа наша определба.



Comments are closed.