При посетата на Букурешт минатата недела НОВАТВ имаше прилика одблиску да се запознае со работата на ДНА – специјалното јавно обвинителство на Романија, Антикорупциската комисија, Агенцијата за управување со конфискуван имот, како и со невладини организации и новинари кои ги прогонуваат корумпираните функционери.
Во 2007 година кога Романија станува дел од европското семејство практично почнува да се гради правната држава. Тогаш се формираат речиси сите институции кои имаат улога во борбата со криминалот и корупцијата.
Таа година е воспоставена романската Антикорупциска комисија (Nacional integrity agency) , а дури три години подоцна, во 2010 година, и Агенцијата за управување со конфискуван имот (National agency for the management of seized assets).
Имотниот лист на екс премиерот Груевски во Романија би бил јавен уште три години
Ненавикнати на отчетност, транспарентност, одговорност, чесност во првите две-три години по влезот во ЕУ, тешко оди борбата против криминалот и корупцијата. Политичарите даваат отпор, институциите се безгласни букви. Но, притиснати и под мониторинг од Брисел, институциите добиваат се повеќе ингеренции, а функционерите се помалку простор за „маневрирање“ со државните пари.
Антикорупциската комисија во Романија не е партиско собиралиште како во Македонија. За разлика од кај нас каде седумте членовите на комисијата се бираат на предлог на политичките партии, во Романија комисијата има претседател и потпретседател, кои се бираат на конкурс со мандат од 4 години.
Комисијата има 45 инспектори кои исто така се бираат преку јавен оглас и кои им влегуваат во трага на функционерите кои се обидуваат да сокријат куќа, стан, земјиште, пари. Како услов за да стане некој антикорупционер во Романија е да биде или правник или економист. На пример кај нас имало претседател на Антикорупциската комисија со Факултет за туризам.
Од 2009 година сите функционери во Романија имаат обврска да ја пријават својата имотна состојба и секоја промена, како и да потпишат изјава за судир на интереси. Анкетни листови и изјави годишно поднесуваат околу 300.000 лица функционери. Во изборна година, бројот на имотни листови и изјави е над 1 милион, затоа што таква обврска имаат не само избраните функционери, туку и сите кои се кандидати за функции.
Во Македонија е незамисливо, но во Романија е законска обврска кога функционерите заминуваат од функцијата анкетниот лист со сите промени за време на мандатот останува јавно достапен во наредните три години.
Минатата година кога екс премиерот Никола Груевски си поднесе оставка, Антикорупциската комисија експресно го повлече неговиот имотен лист, зошто според македонските закони тој повеќе не е на функција, па и неговото богатство не е јавен документ. Кога новинарите упорно инсистираа Антикорупциска да го стави на увид анкетниот лист на Груевски, тогашниот претседател Горан Миленков свика прес конференција на која го бранеше екс премиерот дека тој ништо не крие, туку дека се такви законите.
По прес конференцијата остана историската изјава на Миленков:
“Најљубезно ве замолувам ова прашање да го затвориме за век и векови амин”.
Пратеничка на суд за непотизам, сенатор разрешен од функцијата
Денеска на интернет страната на романската антикорупциска комисија има околу 7.000.000 анкетни листови и изјави за судир на интереси. Поведени се 137 судски случаи против корумпирани функционери, 50 пратеници се обвинети за непотизам, откриени се имот и пари во вредност од 26 милиони евра, кои не биле пријавени во анкетните листови. Со судски пресуди досега се конфискувани околу 3 милиони евра.
Во Романија и за судир на интереси се оди на суд. Па така инспекторите пред новинарите го презентираа случајот со поранешната пратеничка Соња Мариа Драгичи, која била судена затоа што ја вработила својата ќерка во Собранието додека таа била на функција. Во Македонија се уште се изрекува само јавна опомена за судир интереси.
Под лупа на романските антикорупционери бил и сенатор кој истовремено имал приватен бизнис. Во судска постапка, судот донел пресуда во корист на Антикоруциската комисија и сенаторот бил разрешен од функцијата.
Во Романија веќе е тешко да си корумпиран
За седум години од постењето на Агенцијата за конфискација, одземени се нелегално стекнат имот и пари во вредност од 220 милиони евра.
Директорот на Агенцијата Корнел Камнеску вели дека политиката повеќе не е исплатлив бизнис во Романија.
„Веќе е тешко и ризично да си корумпиран во Романија. Ги имаме сите инструменти и алатки да го контролираме криминалот, да имаме увид во банкарските сметки и да ја следиме трагата на парите“, објаснува Камнеску.
Агенцијата за конфискација минатата година врз основа на судски пресуди замрзнала нелегално стекнат имот и пари во вредност од 2,9 милијарди евра. Од нив досега се конфискувани 171 милион евра.
„Парите од конфискација се слеваат на една сметка, за да може полесно да се менаџираат. Дел од тие пари се одвојуваат во здравствениот систем, во образованието, а 15 проценти се доделуваат на невладини организации“, објаснува директорот Корнел Виргилиу Камнеску.
Двајца Македонци под истрага во Романија
Директорот објасни дека само оваа институција, која е во рамките на Министерството за правда, има мандат да бара увид во банкарски сметки во странски банки за осомничени романски државјани за криминал. Понекогаш за податоци чекаат со недели, но на пример од Велика Британија бараниот увид во банкарски сметки им бил овозможен за помалку од еден час.
Камнеску ни откри дека имаат две барања од македонските истражни органи за македонски државјани за кои постои сомневање дека имаат бизнис и нелегален имот во Романија. Кои се тие Македонци, тој не сакаше да одговори, ниту пак сакаше да прецизира кога до нив било испратено барање од македонските институции. Исто така и од Романија до Македонија имало барање за истрага на двајца романски државјани кои имале бизнис врски во нашата земја.