Од:

Стоилковиќ потпиша руска иницијатива за воено неутрална Македонија

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, чија партија е дел од владејачката коалиција за НОВА потврди дека тој е еден од регионалните потписници  на руската иницијатива за создавање воено неутрална територија на Балканот.

Неколку српски пратеници заедно со српските партии од Република Српска (БиХ), Црна Гора, Бугарија и Македонија вчера потпишале Декларација со владејачката партија на Русија „Единствена Русија“, за потребата овие земји да останат воено неутрални, објави српската агенција Бета.

Во Декларацијата се наведува дека во рамки на „намалување на меѓународните тенции“ посебно значење за Југоисточна Европа претставува развојот на иницијативата на „низа балкански политичари за формирање територија на суверени неутрални држави во која би биле Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ“, се наведува на сајтот на партијата.

-Целта на проектот е да стане стратешка доктрина и во иднина да биде инкорпорирана во општоевропските разгледувања на новата континентална архитектура на безбедноста, се наведува во соопштението.

Од руска страна, Декларацијата ја потпишал Сергеј Железњак, висок функционер на партијата на Путин, додека во соопштението не се наведува кои се потписниците од балканскиот регион.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ за НОВА потврди дека од Македонија тој е потписник на руската иницијатива за создавање воено неутрална територија на Балканот. Неговата партија е дел од владејачката коалиција која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Декларацијата, според српските медиуми ја разгледувала „неопходноста од барање заеднички „вонблоковски решенија“, развојот на соработката на балканските држави со земјите од Евроазискиот економски сојуз, какон и ширење на мултилатералната соработка во трговско- економската, финансиската и енергетската сфера“.

За порталот МКД.мк, Стоиљковиќ вели дека причината поради која потпишале ваква иницијатива е игнорирањето на меѓународната заедница на помалите политички партии на етничките малцинства.

„Тоа едноставно не принуди да бараме меѓународни партнери и ги најдовме. Јас знам дека во Македонија има многумина поединци кои би сакале да бидат на моето место, но ете ние ја потпишавме оваа Декларација. Знам дека ова на многумина нема да им се допадне, но кога некој упорно ве игнорира, ние едноставно бевме приморани да си најдеме меѓународни партнери “, вели Стоиљковиќ за порталот.

„Православна“ безбедносна трансверзала

Она што е на прв поглед впечатливо е дека во Декларацијата се вклучени земјите од Балканот со доминантно православно население, додека на пример, Косово и Албанија ги нема. Според познавачите, се работи за обид за создавање „православна“ безбедносна унија помеѓу земјите во регионот, спротивно на нивните јасни определби за влез во НАТО и Европската унија.

Аналитичарот Стево Пендаровски вели дека не очекува дека оваа декларација ќе добие поширока поддршка во ниту една од земјите каде има потписници, дури и во овој контекст, после разочарувањата од резултатите на „Брегзит“.

„Проектот не крие дека е регионална стратешка доктрина која утре може да биде дел од поширокото рекомпонирање на европскиот безбедносен простор. Евроатланските институции од почетокот на деведесетите го опфаќаат и Балканот. Тие со ова влегуваат во сите држави кои се или ќе станат членки на НАТО и ЕУ, спротивно на она што овие држави го одлучиле како нивен пат уште во деведесетите. Ги нема Албанија и Косово, бидејќи претспоставувам дека одат по православната трансверзала со исклучување на државите кои имаат доминантно муслиманско население“, вели Пендаровски за НОВА.

Според него, очигледен е обидот на Русија да го прошири својот „чадор“ на Балканот.

„Бидејќи не можат веднаш да кажат дојдете под нашиот чадор, во прва фаза се обидуваат да направат нови балкански „неврзани“ држави, демек ниту Запад ниту Исток. Но до крај ја соголуваат својата намера со тоа што кажуваат дека бараат воена неутралност. За нас е важно, дали станува збор за партија од владината коалиција или станува збор за други политички субјекти. Затоа што во овој момент, ниту една политичка партија од владејачката коалиција, ниту било кои други од опозицискиот блок, немаат јавно декларирано дека се залагаат за воена неутралност на Македонија, што е против членството во НАТО“, вели Пендаровски.

Според него, Владата мора да се огради од оваа иницијатива и да каже дека партијата која ја потпишала тоа го направила само во свое име, а не во име на владината коалиција.

„Во спротивно, само ќе се засилат шпекулациите дека владејачката партија во Македонија, го менува стратешкиот курс, без да му соопшти такво нешто на македонскиот електорат. Тоа влече корени од 18-ти мај минатата година, кога на нивниот митинг имаше организирани групи дојдени со анти-ЕУ и транспаренти со лик на рускиот претседател, што никогаш на митинг организиран од големите македонски партии не се случило од деведесетите “, додава Пендаровски.

Ширење на руското влијание на Балканот

Изненадување и голем интерес во јавноста во изминатиот период предизвикаа неколкуте соопштенија на Руската амбасада во Скопје за политичката криза во Македонија. Тие отворено ја обвинија македонската опозиција дека со поддршка од Западот, сака да дојде на власт преку „украинско“ сценарио.

Последната Декларација за создавање на воено неутрален балкански сојуз, е уште еден чекор во ширењето на руското влијание во Македонија и на Балканот, сметаат аналитичарите.

Аналитичарот Денко Малески вели дека во јавноста се враќаат идеи кои биле актуелни пред 25 години, кога при прогласувањето на независноста на државата се дебатирало дали Македонија може да биде неутрална земја.

„Потоа се виде дека поради регионот во кој живееме и европските процеси кои веќе започнаа со ширењето на НАТО и членство во ЕУ, најдобрата гаранција за Македонија и ја даваат овие два сојузи. Проблемот што после 25 години се поставува одново таа тема е заради тоа што доцниме. Околностите се менуваат, на меѓународната сцена е отпочнат еден нов ривалитет на веќе совзмена Русија, различна од онаа пред 20 години, која веќе сака да го шири своето влијание секаде каде е можно, бидејќи се бори за свој статус на голема светска сила. Тоа е нивниот главен интерес, да бидат фактор во меѓународната политика и оваа иницијатива треба да се гледа така“, вели Малески.

Според него, очигледно е дека Русите имаат поддршка во една регионална сила како Србија, бидејќи таа се изрази дека е за членство во Европска унија, но не бара прием во НАТО.

„Таа регионална сила има свои влијанија наоколу. Поврзувајќи се со Русија, работат во таа насока. Работата е сега Македонија како ќе реагира на ова, дали ќе го продолжи патот кон НАТО и дали ќе се најде некакво решение за наше членство, или пак ќе потпадне под влијание на регионалната сила и големата сила и ќе тргне во обратна насока“, вели Малески.

ВМРО-ДПМНЕ се оградува

Портпаролот на владејачката партија, Иво Котевски за НОВА изјави дека тие не се потписници на руската иницијатива, ниту пак биле поканети на состанокот. „Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и статутот на партијата јасно стои дека наша стратешка определба се членство во Европската унија и НАТО“, вели Котевски. Од Владата и од коалициониот партнер во власта, ДУИ засега не се достапни за коментар на темата.

 



Comments are closed.