„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија.
На златната премиера ќе присуствуваат авторот Милчо Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.