Лестер и Јувентус се четвртфиналисти во Лигата на шампиони. „Лисиците“ со 2:0 ѝ возвратија на Севилја за поразот во првата средба во Шпанија и ако во ланската сезона беа хит во Премиерлигата, оваа се хит во елитното клупско фудбалско натпреварување. Историскиот пласман меѓу осумте најдобри го заверија Морган и Обрајтон во 27 минута, односно, 54. По победата во Португалија со 2:0, Јувентус подобар од Порто и во реваншот со 1:0.
Далеку поголем интерес и внимание предизвика реваншот меѓу Лестер и Севилја од аспект на резултатот со кој двете екипи истрчаа на „Кинг Пауер“ стадионот. И според прикажаното во целост го оправдаа тоа. Многу возбудувања, два гола, неколу промашени прилики и на една и на другата страна, исклучувања, нереализиран пенал.
Првата прилика за водство ја имаа гостите уште во третата минута пришто Шмајхел не дозволи шокантен почеток за „лисиците“ по ударот на Самир Насри. И втората прилика беше креирана од шпанскиот состав. Сарабија се обиде од дистанца по додавање на Бен Једер, но топката мина крај голот на домашните. И тоа беше се што стори Севилја во првиот дел што не беше случај со Лестер кој првата шанса ја претвори во водство од 1:0 во 27 минута.
Даниеле Орсато досуди слободен удар од 20-тина метри од голот на Рико. Топката на Марез на втора статива ја дочека Вес Морган кој, по лошата реакција на Меркадо, успеа да погоди за еуфорија на „Кинг Пауер“ стадионот и резултат што го водеше Лестер во четврт-финале. Примениот гол донесе пад во играта на Севилја меѓутоа за среќа по тимот на Хорхе Сампаоли не казнет со уште една реализација.
И второто полувреме почна како првото. Шпанската екипа тргна по посакуван гол за што во игра влегоа и Стеван Јоветиќ и Маријано. Разликата во корист на гостите се чувствуваше, па Ескудеро ја погоди стативата, по него во одлична позиција беше и Бен Једер само имаше лоша завршница. Во 54 минута Лестер ја удвои предноста со погодокот на Олбрајтон за 2:0 за најмалку продолженија доколку Севилја успееше да постигне гол до крајот.
Таквата мисија ја отежна Насри во 74 минута. Наседна на провокација на Џејмс Варди за што доби втор жолт картон и финишот на средбата го догледа во поттрибиниот простор. Шанса, сепак, имаше Севилја и тоа колосална. Четири минути по исклучувањето беше досуден пенал за гостите. Одговорноста ја презеде Нзонзи, но Каспер Шмајхел не дозволи да биде совладан и од белата точка како и на „Рамон Санчез Пискуан“ на првата средба.
Резултатот до крај остана непроменет и покрај притисокот на Севилја и шансите на Лестер од контри и полуконтри да дојде и до трет гол.
Јувентус во вториот вечерашен меч го совлада Порто со 1:0. Стрелец на единствениот гол во Торино беше Дибала од пенал во 42 минута. „Старата дама“ славеше и во првиот меч на „Драгао“ со 2:0.
Лига на шампиони
Осминафинале, реванш мечеви
Лестер – Севилја 2:0 (прв меч 1:2)
Јувентус – Порто 1:0 (2:0)