Британската разузнавачка агенција за комуникации GCHQ негира дека го прислушувала Доналд Трамп за време на американската изборна кампања.
Овој невообичаен чекор на британската владина агенција за комуникации уследи откако прес секретарот на Белата куќа Шон Спајсер на почетокот на неделава ова го изјави за американската ТВ мрежа Фокс њуз.
Во изјавата Агенцијата истакнува дека обвинувањата се “бесмислени, крајно смешни и треба да бидат игнорирани“.
Американскиот претседател тврди дека Кулата Трамп во Њујорк била прислушувана, но не понуди ниту еден доказ за тоа.
Сенатската комисија во вторникот заклучи дека „нема индикации“ дека Кулата Трамп била прислушувана од страна на американската администрација пред или по изборите.
Обвинувањата дека британската агенција прислушувала прв ги кажа поранешниот судија Ендрју Наполитано. Потоа Спајсер го цитираше Наполитано изјавувајќи: „три разузнавачки извори го информирале Фокс њуз дека претседателот Обама излегол од ланецот на команда.
-Тој не ја користел ниту Националната агенција, ниту ЦИА, ниту ФБИ, ниту Министерството за правда. Тој ја користел Британската агенција“.
Портпаролот на GCHQ изјави: „Неодамнешните обвинувања од страна на коментаторот во медиумите Ендрју Наполитано во врска со тоа дека било побарано од Агенцијата да го прислушува претседателот се безмислени“.
-Тие се крајно смешни и треба да се игнорираат, изјавија од Британската агенција.