Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн вели нивната порака била „јасна како бел ден“.
– Секој ден e изгубен, изгубен за Македонија и за македонските граѓани. Ние остануваме со целото внимание насочени кон демократските процеси во земјава. Очекувам од новиот претседател на Собранието да го извести претседателот на државата за новото парламентарно мнозинство, кој во следните 10 дена ќе може да го даде мандатот. Јас се надевам дека ќе има сенс од сите политички партии, затоа што сите ние постоиме поради иднината на Македонија. Веруваме дека никој нема намера да го блокира Собранието, изјави Заев.
Тој рече дека очекува до крајот на оваа недела Собранието да одржи конститутивна седница.
– Се друго ќе значи банализирање и барање изговори од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е едноставна работа, да продолжи седницата каде што прекина на двете точки. Убеден сум и верувам дека до крајот на неделата Парламентот ќе продолжи со работа, соопшти Заев.
Според него, не постои тиранска платформа, туку постои владина програма.
На прашањето дали доколку Трајко Вељаноски не закаже конститутивна седница тие ќе го активираат најстариот пратеник, Заев одговори дека деловничките можности се отворени, но тие сакаат кризата да се решава по пат на дијалог.
– Сè уште не сакаме да разгледуваме опција за заобиколување на Иванов, ќе ја запазиме вообичаената практика, односно церемонијалното предавање на мандатот од претседателот на државата до мандатарот.
После средбата со Заев, еврокомесарот ќе има средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Еврокомесарот Хан претходно имаше средби со лидерите на ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците.