Италија ја победи Албанија со 2:0 во квалификациите за СП 2018 во Русија и продолжи со една неверојатна, чудесна, единствена фудбалска приказна. „Азурите“, како едни од најголемите светски велесили, едноставно не знаат за пораз, воопшто, во циклуси кон мундијалите.
Четирикратниот планетарен првак, верувале или не, не загубиле ниту еднаш на домашен терен во квалификации за СП. На Сицилија вечерва го одиграа 51 меч во историјата и притоа ја забележаа 44 победа.
Почнувајќи од 1934 година до денеска, Италијанците имаат седум реми пред своите гледачи – против Турција (1:1 во 1973 година), против Грција (1:1 во 1981 година), против Швајцарија (2:2 во 1992 година), против Англија (0:0 во 1997 година), против Република Ирска (1:1 во 2009 година), против Ерменија (2:2 во 2013 година) и против Шпанија (1:1 во 2016 година).
Импресивна, притоа, е вкупната гол разлика. Италијанскиот национален тим, вклучувајќи ги и двата против Албанците, досега постигна 131 гол, а прими само 24. Ѕвездата на Сицилија беше Џанлуиџи Буфон кој го одигра 1.000 натпревар во клупската и репрезентативна кариера.
Албанските навивачи предизвикаа осум ипол минутен прекин на Сицилија
Натпреварот меѓу Италија и Албанија беше во прекин од осум ипол минути во второто полувреме. Причина за тоа беа испаите на албанските навивачи кои запалија бројни бенгалки, димни факели и останати пиротехнички средства што потоа ги фрлија на тревникот на „Ренцо Барбера“. Една петарда пукна во непосредна близина на славеникот Буфон, а според „Газета дело спорт“ повреден е еден од редарите кој веднаш бил превезен во болница.
Пиротехниката создаде густ чад на стадионот, видливоста во дел од објектот беше намалена до минимум, па словенечкиот арбитар Винчич ги повлече фудбалерите во соблекувална. Натпреварот продолжи по осум ипол минути и на крајот Италија славеше со головите на Даниеле де Роси од пенал во 12 минута и на Чиро Имобиле во 71 минута.