Северна Кореја утрово испали нов проектил во јапонските води, поточно во Источното море, тврдат САД и Јужна Кореја.
Се работи за балистичка ракета, тестирана непосредно по изјавата на Доналд Трамп кој рече дека ќе се справат со оваа земја сами доколку Кина не сака да го направи тоа.
Американскиот Стејт Департмент наместо дипломатски речник, во овој случај реагираше директно.
„Северна Кореја лансираше уште една балистичка ракета со среден дострел. Доста веќе зборувавме за Северна Кореја. Немаме што да додадеме“, се вели во изјавата на државниот секретар Рекс Тилерсон.
Јужна Кореја смета дека ова тестирање на Ким Јонг-Ун е „закана против мирот и стабилноста“, додека јапонскиот премиер Шинзо Абе го осуди тестот и рече дека државниот Совет за безбедност веднаш ќе има состанок да разговара за проблемот.
Тестирања пред средбата САД – Кина
Дали е коинциденција или план на Ким Јонг-Ун последното тестирање? Ова се прави на ден пред да остварат средба претседателите на Кина и САД, Кси Џинпинг и Доналд Трамп кои ќе разговараат за состојбата на Корејскиот Полуостров.
САД претходните неколку дена од Кина побара да ја притисне Северна Кореја да ја стопира својата нуклеарна програма и тестирањата, притоа потенцирајќи дека ако тие не го направат тоа, „Америка сама ќе се справи со Северна Кореја“.
„Часовникот отчукува и сите опции се отворени“, изјави неодамна претставник на Белата куќа од новата администрација под водство на Трамп.
Ракетата тестирана утрово била на должина од 60 километри и на височина од 189 километри според Јужна Кореја, а се работи за трет тест годинава.
Иако експертите тврдат дека Северна Кореја се уште нема развиено нуклеарни глави кои би предизвикале катастрофа доколку бидат испалени со ракетата, важно е да се напомене дека севернокорејскиот млад лидер, веќе има повеќе тестови направено отколку неговиот татко кој владееше 17 години со земјата.