Пратеничката Радмила Шекеринска денеска во Собранието, ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека тие ги потпишале одредбите од таканаречената Тиранска платформа.
Таа рече дека на ВМРО-ДПМНЕ им одговарало 8 години да бидат заедно со ДУИ во коалиција, а сега кога не се заедно, државата ќе пропаѓа.
„Осум години бевте добри и сега зошто вие не сте во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, државата ќе пропаѓа. Веќе ви кажавме кој ги потпишал одредбите од таканаречената Тиранска платформа. Сакав да дискутирам за тоа дека Деловникот не го читате, а кога ќе го прочитате барате текст кој не постои. Зарем не сме имале работи кои прв пат и се случиле на Македонија, каде во Деловникот најдовте дека полиција треба да ги исфрла новинарите и пратениците од Собранието. Прв пат ни се случува некој по 11 години да не знае за власт. Конститутивната седница во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, заврши за еден час. А не како вие сега“, рече Шекеринска.
Трајко Вељаноски, претседавач на Собранието, на ова рече дека според член 93 претседателот на Собранието треба да го отстрани пратеникот од Собранието кога и по неколку опомени, пратеникот не го почитува Собранието.
Процедурално се обрати и пратеникот Петре Шилегов кој рече дека за оваа одлука претседателот на Собранието добил пресуда од Судот за човекови права во Стразбур.
Тој уште еднаш го прочита членот од Деловникот во кој се вели дека еден пратеник, поддржан од десет пратеници може да го смени текот на дневниот ред во Собранието.
„Кажете ми зошто не го ставате предлогот на дневен ред. Господине Вељаноски, ова што го правите вие и ВМРО-ДПМНЕ е правно насилие“, рече Шилегов.