Кливленд тешко излезе на крај со Индијана во првиот меѓусебен меч од четвртфиналната плеј-оф серија во НБА лигата. „Кавалирси“ на крајот славеа со 109:108, откако Си Џеј Мајлс промаши шут за победа на „пејсерси“ кои неколупати во последниот период заостануваа и со 10 коша. Дабл-дабл ефект кај бранителот на титулата оствари Леброн Џејмс (32 поена, 13 асистенции), Кајл Ирвинг додаде 23 коша, Кевин Лав заврши со 17. Пол Џорџ со 29 реализации, седум додавања и пет скока беше најдобар во поразената екипа.
„Се молев топката да не влезе. При последниот напад и шут на Индијана се водевме од мислата дека може да заврши било кој, само не Пол Џорџ“, рече Џејмс по средбата.
Такви маки немаа кошаркарите на Сан Антонио кои го декласираа Мемфис со 29 поени разлика. Конечни 111:82 за „спарси“ во чии редови се истакнаа Леонард со 32 поена, Олдриџ со 20 и Паркер со 18. Марк Гасол беше прв стрелец на спротивната страна со 32 коша.
До брејк во воведните дуели успеаја Милвоки на Истокот и Јута на Западот. „Бакси“ под водсто на Јанис Антетокуонпо го поразија Торонто со 97:83, „џезерите“, пак, беа подобри од „клиперси“ во Лос Анџелес со 97:95. Гркот постигна 28 поени за Милвоки кон кои додаде и осум скока, Џо Џонсон беше јунак на Јута со 21 кош меѓу кои и погодокот со звукот на сирената за голема победа на тимот од Солт Лејк Сити.
НБА лига, плеј-оф
Источна конференција
Кливленд – Индијана 109:108 (резултат во серијата 1:0)
Торонто – Милвоки 83:97 (0:1)
Западна конференција
Сан Антонио – Мемфис 111:82 (1:0)
Л.А. Клиперс – Јута 95:97 (0:1)