Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција од Собранието, денеска потенцираше дека сите реплики и контрареплики, на како што рече, новата опозиција – ВМРО-ДПМНЕ, за Тиранска платформа, двојазичност, кантонизација се неточни.
– Сето ова што го слушавте во репликите на ВМРО-ДПМНЕ е лага. Сакам јавно да повторам дека лага е дека ќе се менува Уставот, дека ќе се носат закони спротивни на Уставот, дека ќе се менува името и идентитетот на Македонија, дека ќе се менува знамето, грбот или химната. Лага е дека ќе се прогласи македонскиот народ за геноциден, изјави Заев.
Тој потенцираше дека демократските процеси бараат трпение, посветеност и грижа за интересите на државата и совест, а од изборите до денес, домашната и меѓународната јавност веќе го видел лажниот поатриотизам на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и партијата, и дека нема сомнеж дека тие само не сакаат да ја предадат власта.
Заев тоа го спои со одговорноста на функционерите од Владата која ја водеше Груевски, и рече дека на суд ќе се оди толку често колку што има сомневања за криминал, а тоа како што потенцираше тој, важи за сите, како за него, така и за Груевски.
Според него партиите имаат свои почетни позиции, но веќе постои финален документ што ја штити унитарноста на Република Македонија.
– Она што беше прифатено од ВМРО-ДПМНЕ беше прифатено и од нас. ВМРО-ДПМНЕ се плаши од СЈО, а ние прифативме. Точно е дека се што преговаравме и за што ќе преговараме ќе биде во рамките на Уставот и во функција на зацврствуање на унитарноста на мултиетничка Македонија. Ќе бидеме посветени на реформите и на полноправно членство во ЕУ и НАТО, а за тоа треба работа и од опозицијата, рече Заев образложувајќи ги плановите на парламентарното мнозинство.
Според него, Македонија ќе биде едно општество за сите, и ништо повеќе нема да зависи од поединец, ниту од Груевски ниту од него, ниту од Ахмети, ниту од Села ниту од Касами туку од институциите.
– Парламентарното мнозинство нема да дозволи опозицијата и Трајко Вељановски да продолжат да ги кршат Деловникот, законите и Уставот. Никој нема право да се изживува врз граѓаните. Државен интерес број еден е да се одблокираат демократските процеси, рече Заев.