Пеп Гвардиола го обезбеди првото летно засилување. Бернардо Силва, плејмејкер на Монако, ги мина лекарските прегледи и потпиша петгодишен договор со Манчестер сити како почеток на најавите за нови лица на „Етихад“ во претстојниот преоден рок. Вредноста на трансферот што ќе биде официјализиран на 1 јули е 43 милиони фунти, а Португалецот ќе настапува за „граѓаните“ во дрес со бројот 20.
„Манчестер сити со задоволство потврдува дека Бернардо Силва од Монако ќе се приклучи на клубот на 1 јули“, се вели во објавата на клубот.
Задоволство од зделката не крие ниту Силва. Порача дека при носење на конечната одлука се водел од фактот што во иднина ќе работи со Пеп Гвардиола.
„Чувството е извонредно. Да бидам искрен, ќе бидам дел од најголемите тимови во светот. Ако Гвардиола не е најдобар менаџер во светот, тогаш несомнено е еден од најдобрите. Кога ќе добиете прилика да работите со него, не можете да кажете не. Добро знаеме што направи со Барселона и со Баерн Минхен, се надеваме дека ќе освои титули и со Сити“, истакна Португалецот.
Манчестер сити потврди дека Гаел Клиши, Хезус Навас, Бакари Сања и Вили Кабалеро ќе заминат на лето како слободни играчи. Од „Етихад“ во јули ќе замине и Пабло Забалета кој постигна договор за трансфер во Вест Хем за наредните две години.