Емануел Макрон вчера во раскошниот замок Версај со големи почести го прими Владимир Путин, како што тоа доликува значајна држава како Русија.
Истовремено и искреноста на Макрон кон Путин беше голема и отворена. Новиот француски претседател не се колебаше да му каже на Путин дека во Сирија француската “црвена линија” е користење на хемиското оружје од страна на сирискиот режим кој ја има поддршката од Русија.
Прашањето на човековите права исто така беше отворено, правата на ЛГБТ заедница во Русија но и во Чеченија.
Најострата критика на Макрон кон Путин дојде на прес конференцијата. На прашањето на една руска новинарка зошто на новинарите од Спутник и Раша Тудеј им забрането, од страна на изборниот штаб на Макрон, да ја следат изборната кампања, Макрон одговори директно и без многу дипломатија велејќи дека тие не се новинари туку органи за влијание:
“Раша тудеј и Спутник се влијателни медиуми што неколку пати објавија невистини за мене и за мојата кампања. И тоа е причината зошто тие не беа поканети во мојот штаб. Сите медиуми, вклучително и руските, имале пристап до мојата кампања. Односите се секогаш исти. Но, Раша тудеј и Спутник не се однесуваа како медиуми и новинари, туку како органи за влијание, пропаганда и лажна пропаганда. Сите други странски новинари, вклучително и руските, имаа целосен пристап до мојата кампања. Правилата се едноставни и тоа така и ќе остане”, рече Макрон.
Потоа додаде дека тие медиуми се под странско влијание но не прецизираше дека влијанието е руско велејќи: “Не знам под чие влијание се тие”.
Кампањата на Макрон беше под сајбер напад токму пред вториот круг на изборите а безбедносните служби рекоа дека нападот дошол од Русија. Имаше исто така и сомнеж дека лажните вести во кои Макрон беше обвинет дека има тајни сметки на Бахамските острови доаѓаат токму од овие пропагандисти.